Сенаторот Крис Марфи, еден од групата Пријатели на Северна Македонија во американскиот Сенат во интервју за ТВ Сител истакна дека без Договорот од Преспа, Северна Македонија немаше да биде дел од НАТО, рече американскиот сенатор Крис Марфи во гостувањето во ТВ Сител. Тој додаде дека со членството во НАТО, ако некогаш кон Северна Македонија постои закана од сосед или надворешна сила тогаш армијата на најмоќната држава во светот, САД, ќе застане во одбрана. Марфи се осврна и на членството на земјава во ЕУ.
– Ќе има одредени загрижености во САД ако се добие слика дека Северна Македонија отстапува од патот кон ЕУ. Видовме дека Северна Макеоднија носи тешки одлуки, како што беше со Договорот од Преспа, но сега Северна Македонија треба да направи отстапка и чекор напред с цел да се приклучи на најголемата економска алијанса – ЕУ, рече Марфи.
Тој кажа дека разговорал со претставници на опозицијата и им кажал дека е загрижен за односите САД-Северна Македонија, ако уставните измени не бидат усвоени.
– Исто така им кажав дека нема да има подобар договор. Фикција е мислењето на опозицијата дека после избори ЕУ или Бугарија ќе понудат нешто различно. Разбирам дека е тешко да се промени Уставот, но ова е единствената рута кон ЕУ. Да се смета дека ќе има подобар договор или подобра понуда дека ќе има на маса мислам дека не е точно, рече Марфи.
Северна Македонија е голем пријател на САД и е земја кон која прво се обраќаме кога ни е потребна помош, ние сме партнери во борбата за заштита на суверенитетот на Украина и треба да се осигураме дека Русија ќе ја плати цената за бруталната агресија таму, рече американскиот сенатор Крис Марфи во гостувањето во ТВ Сител.
– Партнери сме во поддршката кон нашите сојузници од Авганистан. Ние сме и економски партнери зашто се повеќе компании од САД доаѓаат во Северна Македонија за разлика од било кога претходно, а сега сме официјално и безбедносни партнери, рече Марфи.
Тој додаде дека сега Северна Македонија има директна безбедносна гаранција од САД.
– Следниот чекор е јасен, а тоа е Северна Македонија да се приклучи во Европската Унија. Ова е поважно од било кога зашто Русија се заканува на Европа и САД, а Кина делува се поагресивно насекаде низ светот. Односите Европа-САД се највитални досега. Така што, ако сте партнер на САД од Европа, мора да бидете дел од Европската Унија сега. Ова е најважно во моментов, истакна сенаторот од САД.
Сенаторот во интервјуто за ТВ Сител нагласи дека тука е за да се осигури дека САД прават сѐ што е можно за да и помогнат на Северна Македонија кон ЕУ и да ги охрабри лидерите да направат тежок избор, кој е неопходен со цел да се стигне до ЕУ.
– Знам дека има дилеми дали некогаш Северна Македонија ќе влезе во Унијата. Можам да ви кажам дека кризата во Украина е можност, бидејќи ЕУ сега гледа дека е под закана и сака да ја внесе Украина во ЕУ, но не може да ја внесе Украина без да ги внесе земјите од Балканот. Така што, има нова отворена врата и сега е моментот кога Северна Македонија треба да покаже дека е сериозна кон приклучувањето во ЕУ, зашто ако се направи чекор наназад таа врата може да се затвори. Тоа е пораката која ја донесов овде, рече Марфи.