Бугарскиот парламент едногласно ја прифати оставката на владата

Бугарија
By Pudelek (Marcin Szala) – Own work, CC BY-SA 3.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=29867958

Парламентот на Бугарија денеска едногласно ја прифати оставката на владата предводена од премиерот Росен Жељазков. За оставката гласаа сите 227 присутни пратеници, без ниту еден глас „против“ или „воздржан“, јавува бугарската агенција БТА.

Жељазков ја најави оставката на владата вчера, на вонредна прес-конференција во парламентот, непосредно пред закажаното гласање за недоверба, иницирано од коалицијата „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија“.

„Коалицијата разговараше за актуелната состојба. Не се сомневаме дека на претстојното гласање за недоверба владата ќе добие поддршка. Сепак, одлуките на Народното собрание се важни кога ја одразуваат волјата на народот. Нашата желба е да бидеме на нивото што го очекува општеството. Моќта произлегува од суверенот и од гласот на граѓаните. И младите и старите го кренаа својот глас за оставка. Таа граѓанска енергија мора да се поддржи и поттикне“, изјави Жељазков.

Оставката следува по масовните протести низ земјата, предизвикани од контроверзните планови на владата поврзани со државниот буџет.

Кон крајот на ноември, бугарската влада го повлече нацрт-буџетот кој веќе беше доставен до парламентот, поради силниот притисок од јавноста, протестите пред Собранието, противењето од политичките партии и синдикатите, како и поради предупредувањата од Европската комисија дека документот не е усогласен со буџетските правила на Европската Унија.

Протестите во меѓувреме прераснаа во пошироко незадоволство поврзано со корупцијата, чувството на неправда и слабите резултати на владата во повеќе клучни сектори.

Росен Жељазков беше избран за премиер на 16 јануари, со 125 гласа „за“, 114 „против“ и без воздржани пратеници.

Зачлени се на нашиот е-билтен