Орце се прогласи за ненадлежен за да ги заштити скопјани од новогодишни детонации

Орце

На последната седница на Советот на Град Скопје, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ја отфрли Иницијативата на ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД (ЗХР) за забрана на огномет на територија на градот велејќи дека Советот бил „ненадлежен“, најомиленото образложение на функционерите во Македонија, државата во која никој не е надлежен за ништо, се истакнува цо реакцијата на ЗХР.

Споредбата за наводната ненадлежност Ѓорѓиевски ја доведе до апсурд со изјавата дека тоа било исто како Советот на Скопје да забранува абортус, укажуваат од ЗХР.

Од ЗХР посочуваат дека од друга страна, Општина Кавадарци на почетокот на декември донесе одлука да ги слави празниците годинава без огномет, па велат: „Ако не, Советот на Кавадарци како понадлежен да донесе иста одлука и за Скопје?“.

Иако во иницијативата доставена до Советот на Град Скопје беше експлицитно наведена надлежноста според Закон за Град Скопје во чијшто член 10 е прецизирана обврската што нашата локална самоуправа ја има да ги заштити водата, почвата, воздухот, да спречи нивно загадување, да спречи бучава, за градоначалникот таа надлежност не постои?!

Неговото образложение, велат од ЗХР, беше дека МВР спречувале неовластено користење огномети. МВР исто така се надлежни за неовластено палење отпад и загрозување на животната средина со неовластено одлагање отпад, па тоа не ја намалува обврската и надлежноста на Градот да собира отпад и во својата одлука за комунален ред да уредува начини за негово прописно одлагање. Ако Градот забрани на својата територија кој било да користи огномети, петарди и останати експлозивни материи, тоа не одзема од надлежноста на МВР туку додава!

Дополнително на надлежноста што градскиот совет на Скопје неспорно ја има, доколку мнозинството на градоначалникот ја прифатеше Иницијативата, тоа ќе беше јасна политичка порака до неговата партија која ја има централната власт во момент кога подготвува измени на Законот за јавен ред и мир и веќе најавува забрана за огномет во затворен простор. Поддршката од Градот ќе ја отвораше вратата за забрана на огномет и на отворено – на целата територија на Македонија!

Наместо тоа, скопјани добија сигнал дека здравјето на граѓаните, ранливите групи и животните е помалку важно од политички калкулации. Детонации на секои пет минути не се празнување. Детонации на секои пет минути се вознемирување, разболување и смртни последици за животните. Тоа го знае секое семејство со дете со аутизам, секој хронично болен човек, секој граѓанин што не може да спие, секој што си го бара правото на мир и достоинство.

Од ЗХР ги повикуваат граѓаните за поддршка за властите да ја усвојат оваа многу задоцнета одлука со мејлови до градоначалникот до премиерот, до Советот на Град Скопје и до Собранието, да забранат огномети и петарди во Македонија!

Мејловите за ова барање се:

kabinet@skopje.gov.mk

gradonacalnik@skopje.gov.mk

info@vlada.gov.mk

Текстот што се предлага е:

БАРАМ ЗАБРАНА НА ОГНОМЕТ И ПЕТАРДИ

Барам градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, претседателот на владата, Христијан Мицкоски, веднаш да забранат огномети и петарди во Скопје и во Македонија.

Доста ми е труење, секоја зима ја дишеме истата токсична мешавина од смртоносни честици, гасови и тешки метали што огнометите ги исфрлаат во воздухот.

Не сакам да читам за траумирани сограѓани, за угинати птици, за миленици што во паника умираат од стрес, не сакам да ги гледам најблиските под стрес наместо да слават.

Станува збор за здравје, за достоинство и за елементарно право на мир. Детонации на секои 5 минути не се прослава, насилство се врз воздухот што го дишеме, врз најранливите, врз животните и врз сопствениот град.

Скопје и Македонија знаат да слават достоинствено, а сите ние имаме право на заштита, не на институционално перење раце со „ненадлежност“.

Зачлени се на нашиот е-билтен