Годинава реализираме уште една успешна заедничка вежба со нашите НАТО сојузници, каде преку разни вежбовни операции го демонтрираме единството на Северноатлантската Алијанса во име на безбедноста на секоја земја членка и во име на светскиот мир, рече премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето пред мултинационалната вежба „Immediate Response 23“ или „Брз одговор 23“ која оваа година се одржува во Република Северна Македонија, а со која се демонстрира обединетоста на НАТО Алијансата.
-Бележиме уште еден успех во нашите здружени акции и заедно сите, ги покажуваме нашите вредности и нашите потенцијали. А тоа е и вредноста и суштината на НАТО Алијансата-преку заеднички акции и со заеднички сили да се обезбеди индивидуалниот, а преку тоа и општиот мир за сите. Тоа е и причината зошто пред три години се приклучивме на најголемиот воено-политички сојуз-НАТО Алијансата, која денес обединува 1 милијарда луѓе во светот. Со нашето членство во НАТО, Република Северна Македонија не е повеќе објект на гео-политичката сцена, туку субјект кој активно учествува во носењето на одлуки од светско значење, заедно, на иста маса со светски супер сили, кажа Ковачевски.
Според него ова е најдобрата потврда за исправноста на одлуките кои се носеле во државата пред три години и ова е најдобар демант за оние кои биле против тие одлуки, носени пред три години во нашата држава.
-Ја докажавме нашата посветеност кон основните постулати на НАТО – а тоа се промоција на демократските вредности, градење доверба, спречување конфликти и соработка на полето на безбедноста и одбраната.
Преку негување на принципите на добрососедство и примена на политиката на дијалог наместо конфликт, Република Северна Македонија денес прерасна во земја фактор на стабилност, кредибилен партнер на ЕУ и НАТО, придонесувајќи кон зајакнување на регионалната соработка и градење на мир во регионот, а со тоа и мир во светот. Со нашето членство во НАТО и учеството во заеднички акции, градиме силни партнерства со сојузниците и од нашиот регион и пошироко. За Северна Македонија, зачувувањето на мирот и стабилноста на Западен Балкан е еден од врвните надворешно-политички приоритети. Со потпишувањето на Договорот со ФРОНТЕКС и зачленувањето во големото НАТО семејство, ги заштитивме нашите идентитетски одредници, го заштитивме нашиот македонски јазик и нашата култура, истакна Ковачевски.
Тој повика на сплотеност, партиите и пратениците да ја препознаат важноста на одлуката. Во следниот период претстојат предизвици кои ќе ја одредат нејзината иднина – дали ќе тргнеме по патот на евроинтеграциите, стабилноста и просперитетот, или ќе останеме заглавени самите со себе, нагласи Ковачевски.
-Еднаш раководството на државата во 2006 година реши да чека и чекаше од 2006 до 2016 година. Не донесе ниту една стратешка одлука за државата. Десет години на народот му продаваше реклами на ТВ на кои трошеа повеќе средства отколку што денес се трошат средства за изградба на градинки, нови школи, училишта или опремување на Армијата. На крајот поминаа тие 10 години сите сфативме дека сме останале сами и изолирани. Затоа од 2016 година се донесоа одлуки со кои државата стана земја членка на НАТО, со кои државата почна преговори со ЕУ. Благодарение на тие одлуки денес ние сме држава која претстава со ОБСЕ, ние сме држава која од корисник на мировни мисии, пред 30 години, денес е земја во која други држави преговараат за решавање на своите проблеми, рече Ковачевски.