НИС на крстопат: Сите опции се во игра, решението и натаму неизвесно

Вучиќ

И покрај пораките на српскиот претседател Александар Вучиќ дека ситуацијата околу Нафтената индустрија на Србија (НИС) е „чекор до решение“, економските аналитичари предупредуваат дека конечниот исход сè уште е неизвесен и дека сите сценарија остануваат можни – од продажба на удели, до државна интервенција.

Вучиќ изјави дека состојбата околу НИС е „многу сложена и комплицирана“, но дека во наредните денови се очекуваат иницијативи кон Канцеларијата за контрола на странски средства на САД (OFAC), со цел добивање оперативна лиценца што би овозможила компанијата да продолжи со работа.

Економистот и помошник-директор на Секторот за стратешки анализи, услуги и интернационализација при Стопанската комора на Србија, Бојан Станиќ, оценува дека ваквите најави се охрабрувачки, но нагласува дека решението сè уште не е извесно.

„Кога се вели дека сме чекор до решение, тоа делува позитивно, бидејќи би значело НИС да продолжи со работа – да набавува сурова нафта, да ја преработува и да задоволува дел од потребите на домашниот пазар, како и да продолжи работата на Петрохемија“, изјави Станиќ за РТС.

Сите сценарија сè уште на маса

Станиќ потсетува дека изминативе денови имаше информации за можни преговори меѓу рускиот сопственик и потенцијални купувачи на удели во НИС, но засега нема официјална потврда дека такво решение ќе се реализира.

„Во овој момент, сите опции се сè уште на маса – влез на трета страна, купување од страна на Република Србија или одредена форма на принудна мерка“, наведува тој.

Големо значење за српската економија

Иако Србија моментално располага со доволни резерви и преку увоз ги обезбедува потребните количини на нафта и деривати, Станиќ предупредува дека долгорочно е клучно НИС да продолжи со работа.

„НИС има огромно значење за буџетот, бруто-домашниот производ, вработеноста и делумната контрола врз енергетскиот систем“, вели Станиќ, посочувајќи дека ризикот од секундарни санкции дополнително ја зголемува потребата за брзо решение.

Енергетиката како долгорочен предизвик

Според него, прашањето за НИС не може да се разгледува изолирано, туку во поширок геополитички и европски енергетски контекст.

„Без разлика на краткорочното или среднорочното решение, Србија мора да размислува долгорочно. Овој регион сè повеќе ќе зависи од усогласувањето со политиките на Европската унија, бидејќи и нафтата и гасот минуваат преку територија на ЕУ“, истакнува Станиќ.

Геополитика и регионални односи

Осврнувајќи се на најавите дека унгарската компанија МОЛ би можела да транспортира поголеми количини сурова нафта преку ЈАНАФ, Станиќ оценува дека Унгарија има силна преговарачка позиција благодарение на добрите односи со различни партнери.

Сепак, тој предупредува дека тоа не значи оти долгорочните ризици се елиминирани.

„Последиците врз економијата засега не се драматични, но сигурно придонесуваат за пониски стапки на економски раст од планираното“, додава тој.

Енергенсите – клучна тема и во иднина

На крајот, Станиќ потенцира дека енергетиката ќе остане едно од клучните прашања и во наредните години.

„Ако гледаме кој е најголемиот проблем за српската економија во моментов, тоа е прашањето за НИС и енергенсите воопшто. Во среден рок, предизвиците ќе бидат уште покомплексни – од геополитиката до конкурентноста на економијата. Затоа е важно Србија што подобро да се позиционира во новите економски околности“, заклучува Станиќ.

Зачлени се на нашиот е-билтен