Град Скопје тврди дека казнил загадувачи, јавноста без информации кои се тие

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, соопшти дека во изминатите денови биле изречени казни за загадувачите во главниот град, откако бил надминат дозволениот праг на аерозагадување, но без да објави конкретни информации за тоа кои субјекти биле санкционирани и за какви прекршоци.

Во објава на социјалните мрежи, Ѓорѓиевски информира дека Скопје се соочило со сериозно загадување на воздухот, повикувајќи се на податоците од државниот мониторинг, по што, како што наведува, била неопходна итна и решителна реакција. Тој истакна дека во последните два дена биле спроведени „силни и координирани“ инспекциски надзори, при што Инспекторатот за животна средина изрекол казни кон правни лица кои се означени како загадувачи.

„Законот важи за сите и нема да има никаква толеранција кон оние што го загрозуваат здравјето на граѓаните“, порача градоначалникот, најавувајќи дека инспекциските контроли ќе продолжат со уште поголем интензитет.

Во истата објава, Ѓорѓиевски ја пофали и, како што рече, „силната и континуирана заложба“ на Владата за подобрување на квалитетот на воздухот, наведувајќи низа мерки што се спроведуваат во последната година и половина. Меѓу нив ги спомена Стратегијата за почист воздух 2024–2030, субвенциите за инвертер клими, поставувањето прочистувачи на воздух во градинките, пошумувањето, гасификацијата, изградбата на когенеративни централи и уредувањето нови паркови со вградени прочистувачи на воздух.

Градоначалникот апелираше и до граѓаните да ги почитуваат препораките и мерките за заштита од загадувањето, нагласувајќи дека секој поединечен придонес е важен во борбата за почист воздух.

Истовремено, тој повтори дека Градот Скопје нема да покажува толеранција кон загадувачите и ги повика скопјани да пријавуваат потенцијални извори на загадување на електронската адреса prijavizagaduvachi@skopje.gov.mk. Во објавата, сепак, не беа наведени конкретни податоци за тоа кои правни лица се казнети, ниту за видот и висината на изречените санкции.

Зачлени се на нашиот е-билтен