Кражби на струја и блокади: Серава без струја, „Пластичарска“ во застој

струја

Блокадата на булеварот „Никола Карев“, попознат како „Пластичарска“, повторно ја покажа слабата точка на Скопје: доволни се педесетина луѓе и неколку палети за да се создаде застој што се прелева низ цел град. Овојпат, поводот беше прекинот на електричната енергија во делови од Серава, по што група жители излегоа на улица тврдејќи дека со денови се без струја и барајќи решавање на проблемот.

Од Електродистрибуција, пак, одговорот е остар и директен: дефектот настанал во неделата, на 21 декември, како последица на долготрајни неконтролирани кражби на електрична енергија и преоптоварување на трансформаторот, а дополнителен проблем е што екипите со месеци на терен наидуваат на отпор и не можат да добијат непречен пристап за реконструкција на мрежата и дислокација на броилата. Според информациите што ги пренесуваат медиумите, компанијата предупредува дека на терен имало и вербални закани кон работниците, што ја прави интервенцијата не само технички, туку и безбедносно ризична.

Во позадината на овој судир, стои бројка што ја објаснува нервозата: загубите на струја во регионот, според наводите на компанијата, надминуваат 70%, додека наплатата е околу 60%. Тоа се показатели на систем кој одамна не функционира – мрежа што се „пумпа“ со нелегални приклучоци до точка на дефект, а потоа, наместо брза санација, добива уште поголем притисок преку блокади на сообраќајници.

Прашањето што останува да виси над „Пластичарска“ не е само кој краде и кој плаќа, туку и како државата и градот дозволија ваков конфликт да стане рутина. Ако е точно дека со години се спречуваат реконструкции и поместување на броила, тогаш институционалниот вакуум е исто толку сериозен проблем како и кражбата. Дистрибуцијата не може да се одржува со ултиматуми, а граѓаните не можат да очекуваат стабилно снабдување ако теренот е „затворен“ за техничка интервенција. Истовремено, кога цели маала остануваат без струја, цената ја плаќаат и оние што немаат врска со нелегалните приклучоци – од деца и стари лица, до мали дуќани и работилници што живеат од дневниот промет.

Електродистрибуција најавува дека без непречен пристап реконструкцијата и санацијата ќе бидат невозможни, а дефектите ќе се повторуваат. Во таков расплет, „Пластичарска“ ризикува да стане симбол на град во кој енергетската инфраструктура и јавниот ред се заложници на истата приказна што се повторува: мрак во домаќинствата, метеж на улиците и институции што доаѓаат предоцна – кога проблемот веќе станал блокада.

Зачлени се на нашиот е-билтен