Ако земеме предвид дека секторот енергетика креира 10 – 15% од БДП во нашата економија, тогаш јасно е дека, изборите што ги правиме во енергетскиот сектор, денес, ќе имаат големо влијание врз иднината на нашата економија и благосостојбата но и енергетската безбедност на идните генерации, рече во воведното обраќање вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на отворањето на МЕФ енергетскиот форум во Скопје.
-Токму затоа, сметам дека Форумот ќе послужи како инклузивна платформа за дијалог, размена на знаења, но и за споделување иновативни пристапи, најнови достигнувања, трендови и стратегии за решавање на прашањата поврзани со енергетиката. Зелената енергија, не нарушувајќи ја рамнотежата на нашиот комплексен еко систем, е клучна за зачувување на животната средина. Токму забрзаните климатски промени и деградацијата на животната средина, не водат кон итна транзиција од фосилни кон обновливи извори на енергија со ниска емисија на стакленички гасови, која треба да ја сметаме за императив и во креирањето и спроведувањето на политиките. Велат, константа е само промената па така и енергетските трансформации се постојан процес, во моментов со забрзан чекор кон обновливи извори на енергија, но планирањето и подготовката за идните фази е она што гарантира одржливост и стабилност, кажа Битиќи.

Тој додаде дека според податоците на Меѓународната агенција за обновливи извори на енергија, минатата година во светот е остварен историски рекорд во инсталирањето на капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори, кој изнесува 295 GW (гигавати), што претставува 83 отсто од вкупните инвестиции во производство на електрична енергија.
-Пред економијата се портретира иднина во која изворот на виталната енергија од фосилните горива се поместува кон ветрот, сонцето и водата. Оваа трансформација ќе вклучи и креирање на нови зелени и високо продуктивни работни места, кои според проекциите за 2030 година велат дека во овој сектор ќе бидат отворени 38 милиони работни места, а во 2050 година овој број ќе се зголеми на 50 милиони, кажа Битиќи.
Домашната берза на електрична енергија ќе значи стабилност за домашните и странските инвеститори
Вицепремиерот за економски прашања истакна дека регионалната конкурентност и поврзаност се клучни за развој на регионот, во поширока смисла на зборот.
-Во оваа насока покрај засилените инвестиции во патната инфраструктира, во последните 5 години, засилено се работи и на енергетско поврзување, преку, изградба на интерконекторот со Албанија со кој ќе се комплетира коридорот 8 за пренос на електрична енергија Исток – Запад, помеѓу Бугарија, Северна Македонија, Албанија и Италија. Дополнително, државата будно ги следи трендовите во изградба на фотоволтаични централи, кои земаат голем замав не само во нашата земја туку и во соседството, и нашиот систем оператор МЕПСО работи на зголемување и на капацитетот на пренос на електрична енергија по коридорот 10, преку зголемување на капацитетот на интерконекторот Битола-Лерин, кој треба да биде удвоен во наредните неколку години, кажа Битиќи.
Според вицепремиерот, Владата на Република Северна Македонија работи и на диверсификација на снабдувањето со природен гас, преку градење на интерконектор со Грција.
-Преку него ние ќе обезбедиме гас за наредните 15 години. Тоа за нас значи дека нема да бидеме зависни само од руски гас кој доаѓа преку интерконекторот со Бугарија, туку за нас ќе е достапен и гасот од ЛНГ терминалот во Александруполи. Регионалната поврзаност се случува и во насока на изградба на интерконектори за гас и со останатите соседи, што покрај диверзификација, за нашата земја ќе значат дека сме на енергетската карта, поставени како хаб на Балканот. Сето ова го правиме за безбедноста на нашата иднина, креирање на предвидувачка околина за бизнисот како и поевтини енергенси за нашите домаќинства, потенцира Битиќи.
Тој додаде дека покрај одржливото и зелено производство на енергија, важно е и зголемувањето на ефикасноста на потрошувачката на енергија.
-Особено задоволство ми е да споделам со вас дека оваа година Република Северна Македонија, воспостави сопствена берза на електрична енергија, со која раководи МЕМО, а која ќе овозможи транспарентно тргување и придружување на еден високо конкурентен и динамичен Европски пазар на електрична енергија. Берзата значи стабилност и за домашните и странски инвеститори, а за државата нови странски инвеститори кои се охрабруваат да инвестираат во обновливи извори на енергија. Целосно либерализираниот енергетски пазар, со веќе формирана берза на електрична енергија, отвореноста како за странски така и за домашни инвеститори, поедноставените административни процедури за поставување на фотоволтаици и сите други мерки кои оваа Влада ги носеше во изминатиот период, ми даваат за право да констатирам дека се движиме во вистинската насока, креирајќи додадена вредност, го отворивме патот за одржлива и просперитетна енергетска иднина за нашата држава, заклучи вицепремиерот.
При крај е евалуацијата на понудите за изградба на Чебрене
Развивањето на пазарите, за да можат да ги следат промените, е можно само преку креирање на овозможувачка и поттикнувачка средина, кажа вицепремиерот. Според него нашата држава е лидер во регионот со донесените и веќе имплементирани закони и подзаконски акти, кои се целосно усогласени со Европската енергетска Заедница, со кои е овозможена либерализација на енергетскиот пазар.
-Со усогласување на енергетските политики, современите енергетски технологии и мобилизирање на финансии, го отвораме патот за одржлива и просперитетна енергетска иднина која ги ублажува климатските промени, ја подобрува енергетската безбедност и го поттикнува економскиот раст.
Сите политики и мерки на Владата, со кои креираме подобра енергетска иднина на земјата, се фокусирани на, изградба на нови капацитети на базна енергија и истовремено производство на енергија од обновливи извори, истакна вицепремиерот.
Битиќи додаде дека во однос на производството на базна електрична енергија, при крај е процесот на евалуација на понудите за изградба на најголемиот извор од хидро капацитетите за проектот „Чебрен“, со проценета вредност на инвестиции од милијарда евра и предвиден капацитет на производство на базна енергија од 300 – 330MW.

-Истовремено, со зголемен интензитет растат јавните и приватни инвестиции во обновливи извори на енергија. Во последните 2 години во државата има инсталирано и ставено на мрежа повеќе од 207MW фотоволтаични централи. Дополнително на ова, нашите политики привлекоа приватни инвестиции од повеќе од милијарда евра, кои во наредниот период ќе изградат капацитет од над 1GW, заклучи Битиќи.