Големи дози витамин Ц би можеле значително да ги заштитат белите дробови од штетните ефекти на ситните честички во воздухот, познати како PM2.5, покажува ново научно истражување. Овие загадувачи, чии честички се со големина од само неколку микрометри, се поврзуваат со сериозни здравствени проблеми, меѓу кои астма и рак на белите дробови, пишува ScienceAlert.
Истражувањето го спровеле научници од Универзитетот за технологија во Сиднеј (UTS), кои преку експерименти на глувци и лабораториски одгледувани човечки ткива ги анализирале ефектите од витаминот Ц. Резултатите покажале дека овој витамин штити од клучни оштетувања на клетките предизвикани од загадувањето на воздухот.
Како делува витаминот Ц?
Според научниците, витаминот Ц го намалува губењето на митохондриите – таканаречените „електрани“ на клетките, ги ублажува воспалителните процеси и спречува оштетувања предизвикани од оксидативен стрес. Како познат антиоксиданс, витаминот Ц бил логичен избор за ваков тип истражување.
„Суплементацијата со антиоксидативниот витамин Ц беше ефикасна во ублажувањето на штетните ефекти од изложеност на ниски нивоа на PM2.5, што може да се препорача кај лица со зголемен ризик“, наведуваат дипломантот на UTS, Шу Бај, и неговите колеги во објавениот труд.
Потребна е претпазливост
Иако резултатите се охрабрувачки, научниците предупредуваат дека се потребни дополнителни истражувања за да се утврди дали реални дози витамин Ц имаат ист заштитен ефект кај луѓето, а не само кај животни и лабораториски ткива. Условите и дозите во лабораторија биле строго контролирани и не мора да одговараат на секојдневната изложеност на загаден воздух.
„Оваа студија сугерира дека земањето на највисоката дозволена доза витамин Ц потенцијално може да помогне, но неопходна е консултација со матичен лекар за да се избегнат несакани ефекти или предозирање“, вели молекуларниот биолог Брајан Оливер од UTS.
Евтина надеж за глобален проблем
PM2.5 честичките најчесто потекнуваат од сообраќајот, шумските пожари и песочните бури, а нивното влијание врз здравјето сè повеќе доаѓа во фокусот на научната јавност. Истражувањето дополнително потврдува дека и ниски нивоа на загадување можат да предизвикаат сериозни оштетувања на клеточно ниво.
Иако долгорочното решение останува подобрување на квалитетот на воздухот, научниците сметаат дека витаминот Ц може да биде едноставен и евтин начин за дополнителна заштита.
„За првпат нудиме надеж за евтин превентивен третман на глобален проблем што погодува стотици милиони луѓе“, истакнува Оливер. Истражувањето е објавено во научното списание Environment International.