Со мнозинство гласови во Собранието беа избрани двајца нови министри во Владата. Беким Сали е именуван за министер за европски прашања, додека поранешниот владин портпарол Мухамед Хоџа ќе раководи со Министерството за животна средина и просторно планирање.
Досегашниот министер за европски прашања Орхан Муртезани е разрешен од функцијата. Иако премиерот не даде детално образложение за неговото заминување, му се заблагодари за досегашната соработка и најави дека Муртезани ќе продолжи да биде дел од неговиот кабинет како советник задолжен за следење на реформската агенда.
Премиерот Христијан Мицкоски пред пратениците ги образложи причините за новите кадровски решенија, посочувајќи дека тие се дел од тековните потреби на Владата, иако претходно беше најавувана поширока реконструкција на владиниот состав.
СДСМ ги оцени промените како козметички и без суштински ефект за подобрување на состојбата на граѓаните. Албанскиот опозициски блок, пак, побара појаснување зошто Муртезани е разрешен доколку премиерот бил задоволен од неговата работа, наместо тој сам да поднел оставка.
Од коалицијата Вреди ги поздравија кадровските промени и им посакаа успешна работа на новоименуваните министри.
Иако по изборите беше најавена подлабока реконструкција на Владата, премиерот подоцна најави дека таа најверојатно ќе се случи напролет. Тековните измени се поврзуваат со изборниот процес, по кој дел од министрите станаа градоначалници, меѓу нив и Изет Меџити, кој досега беше министер за животна средина и прв вицепремиер. Неговата вицепремиерска функција сега ја презема Сали, додека Хоџа ќе раководи со ресорот животна средина и просторно планирање.