Советот на Град Скопје едногласно го усвои буџетот за 2026 година, без ниту еден глас против. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски оцени дека документот претставува доказ за „ред, визија и резултати“, најавувајќи засилен инвестициски циклус во наредниот период.
Основниот буџет изнесува 5,201,600,000 денари, што е зголемување од 12,04 проценти во однос на 2025 година. Според градоначалникот, растот е резултат на подобрена наплата на приходите во последниот месец и половина, а на крајот на годината се очекува пренесен вишок од над 400 милиони денари. Дополнително, обезбедени се 260 милиони денари преку спогодба со Министерството за образование и наука и одлука на Владата за студентски превоз за заостанати обврски.
Капиталните инвестиции се проектирани на 1,787 милијарди денари, односно 34,4 проценти од вкупниот буџет, значително повеќе во споредба со лани. Овие средства, според најавите, ќе се насочат кон инфраструктурни зафати и проекти на терен со директен ефект врз секојдневието на граѓаните.
Образованието е меѓу приоритетите, со зголемен буџет од 7,5 проценти. Предвидени се нови спортски терени во средните училишта, енергетски ефикасни фасади, училишна опрема и ИТ-решенија, како и униформи за сите ученици од прва година, летен камп за социјално ранливи категории и награди за ученици со исклучителни резултати. Планирано е и пренесување на 68 милиони денари вишок за изградба на ново училиште, со првиот ребаланс во 2026 година.
Засилување е предвидено и за противпожарната заштита, со средства за вработување на 30 нови пожарникари, набавка на лична заштитна опрема и три возила за интервенции во тешко достапни терени. Буџетот за оваа намена изнесува 450,2 милиони денари, што е раст од 25,72 проценти.
Културата добива 159,8 милиони денари повеќе од двојно зголемување, со продолжување на проектот „Европска престолнина на културата Скопје 2028“, како и инвестиции во културните установи. Буџетот за спорт е зголемен на 26 милиони денари, а за животна средина се издвојуваат 56,5 милиони денари. Најавено е и деблокирање на проект со Светска банка за фотоволтаици во училиштата, вреден 46 милиони денари.
Меѓу капиталните проекти се изградбата на Луна Парк (со завршување во 2027), инвестиции во детски и рекреативни простори, јавно зеленило, комунална опрема и возила, како и значајни зафати во патната инфраструктура и реконструкција на клучни булевари и улици. За експропријација се предвидени 130 милиони денари, а дел од сообраќајните проекти ќе се подготвуваат во соработка со UNDP.
Буџетот за 2026 година, според градските власти, е насочен и кон финансиска консолидација, со директна поддршка за јавните претпријатија и културните установи и рекордни 920 милиони денари субвенции за ЈСП Скопје, со цел стабилизација до средината на 2027 година.