Пожар во нафтена рафинерија во Ростовската област по воздушен напад

Серија експлозии и голем пожар се регистрирани во градот Новошахтинск, во јужниот дел на Русија, откако беше погодена локална рафинерија за преработка на нафта. Информацијата ја потврди гувернерот на Ростовски регион, Јуриј Сљусар.

Според неговата изјава, експлозиите биле последица на воздушен напад, по што избувнал пожар во индустрискиот комплекс. „Според првичните информации, нема загинати или повредени. Податоците сè уште се проверуваат, а службите за итни случаи се на терен и работат на локализирање на пожарот“, изјави Сљусар.

На социјалните мрежи се појавија фотографии и видеоснимки на кои се гледа густ столб од чад што се издига над објектот, што укажува на сериозноста на инцидентот. Настанот го пренесоа повеќе медиуми, меѓу кои и Украинска правда.

Рафинеријата „Новошахтинск“ (АД НЗНП) е еден од поголемите капацитети за рафинирање на нафта во Ростовската област. Таа е специјализирана за преработка на сурова нафта и производство на нафтени деривати, како што се дизел гориво, бензин, мазут и горива за поморска употреба, и претставува значаен снабдувач за јужниот дел на Русија.

Инаку, Генералштаб на вооружените сили на Украина претходно соопшти дека овој објект бил цел на украински напад и во ноќта меѓу 20 и 21 август годинава.

Зачлени се на нашиот е-билтен