Силно зимско невреме утринава го отежна сообраќајот во делови од Србија, каде што снегот се задржува на повеќе патни правци, а ниските температури го зголемуваат ризикот од поледица и магла. Надлежните служби апелираат возачите да избегнуваат патување „без прекa потреба“, да ја прилагодат брзината и да возат со целосна зимска опрема, бидејќи условите на дел од теренот брзо се менуваат.
Според извештајот на зимската служба на ЈП „Путеви Србије“, најмногу проблеми има во пошироките региони околу Ивањица, Зајечар и Врање, каде на делници од прв приоритет е регистриран влажен снег до 5 сантиметри. Како критични се посочуваат правци како Ивањица–Јавор, потоа делници во источна Србија меѓу Мајданпек, Неготин, Бор и Зајечар, како и делот Параќин–превој Честобродица, каде снегот и влагата на коловозот создаваат услови за мраз, особено во утринските и вечерните часови.
Надлежните предупредуваат и на дополнителни ризици што обично ја прават зимата поопасна од самиот снег: одрони покрај нестабилни косини, најизразени во клисури и усечени делови, како и магла по котлини и покрај речни текови, на мостови и надвозници. Во истиот извештај се наведуваат и ограничувања за тешки товарни возила на дел од планинските и превојни правци, меѓу кои и патот кон Копаоник преку Јарам, токму поради зимските услови.
Иако приодите кон зимските туристички центри, според службите, во моментот се проодни, пораката е јасна: зимската проодност не значи и зимска безбедност. Во вакви ситуации најмалата невнимателност – погрешна брзина, погрешна гума, едно кочење на мраз – станува причина за застој или незгода, а тоа е доволно за да се блокира цела делница во услови на снег и магла.