Мермерна прашина го побели Прилепското езеро

Белузлава вода, како „разматено млеко“, викендов потече по Присадска и Оревоечка Река и се слеа кон Прилепското вештачко езеро, по што граѓанската иницијатива „Спас за Прилеп“ побара итна институционална реакција и јасно утврдување од каде доаѓа загадувањето.

Активистите тврдат дека реките повторно се претвориле во „бели потоци“ од мермерна прашина од рудници за мермер, а ваквата појава, како што предупредуваат, не е првпат забележана во овој дел над езерото.

Најпроблематичен, според нив, не е само самиот инцидент, туку институционалниот вакуум што го следи: по пријавувањето добиле одговор дека Општина Прилеп „не е надлежна“ за случајот, а од Инспекторатот за животна средина – дека исто така „не е надлежен“ да постапува, што ја остава јавноста без одговор кој точно мора да излезе на терен, да земе примероци и да наложи мерки.

Иницијативата бара надлежните да го утврдат изворот на белењето, да ја сопрат причината што ја менува бојата и составот на водата, и да преземат конкретни мерки за заштита на реките и Прилепското езеро. Дотука, во објавените информации, доминира една константа: одговорноста се префрла, а јавна, јасна институционална позиција за тоа кој ќе води постапка и кога ќе има резултати – нема

Зачлени се на нашиот е-билтен