Радио 106 од Битола и оваа година ќе ги прогласи најдобрите артисти и нивните изданија од светската музичка сцена во големото шоу “Најдобрите во 2025!”. 106-ка започна со овој амбициозен проект уште во 2001. година, во обид да го преточи вкусот на македонската музичка публика во церемонија на доделување на награди од типот на познатите Grammy, Brit, и сличните на нив, но, според наш вкус, мислење и според тоа колку и кои од песните биле популарни кај нас, истакнуваат од радиото.
Така, секоја година 106-ка продуцира и емитува повеќечасовна спектакуларна шоу програма во која ги прогласува најдобрите хитови и музичари во вкупно 20 категории, меѓу кои се категориите за најдобра поп, рок, латино, хип хоп, р&б, денс, саундтрак песна, најдобар ремикс, продуцент, машки, женски артист, најдобра група, хит на годината според 106-ка и хит на годината според слушателите. Номинираните артисти и хитови се повеќе од само список на имиња, тоа е галерија на звукот на годината. Секој запис е своја приказна.
“Најдобрите во 2025!” е кулминација на годината, моментот кога застануваме, се осврнуваме назад и велиме: Ова е она што беше важно; Ова е она што ќе трае! Тоа е звучен преглед на годината, церемонија без црвен тепих, но со многу резонанца, во кое ќе се избираат уметниците, песните, моментите што ја дефинираа годината. Тоа е фестивал на сите музички пресвртници во годината и најуспешните изданија.
Ова ќе биде 24-то прогласување на Најдобрите! Шоуто ќе изобилува со ексклузивитети, концертни изведби на најпознатите хитови на годината, рецензии на изданијата, анализи на светската музичка сцена, а покрај сето тоа и самите музички ѕвезди ќе зборуваат за нивните песни. Сцената е поставена, светлата се вклучени, фреквенциите се подесени и спремни да го пренесат саундтракот на годината – премиерно ќе се емитува на фреквенцијата на 106-ка – Битола (106.6 фм) на 30. декември, со почеток во 14:00 часот, а репризно на 05. јануари 2026 во 14:00 часот. Комплетната листа на номинирани во сите категории, пропозициите и повеќе детали имате на www.106.com.mk. На веб страната исто така, можете да ги преслушате и минатите изданија на шоуто.
Вредно да се знае… Покрај ова големо шоу, 106-ка има уште една добро позната новогодишна традиција, а тоа е големото “Новогодишно Шоу На 106-ка”. Тоа е традиционално шоу, во кое 106-ка, со вклучување во живо, се дружи со своите слушатели и му доделува поклони. Се случува на 31. декември од 10 до 15 часот и секоја година ги руши рекордите на слушаност!