Грчките блокади пак ја кочат границата: Евзони отвора па затвора

Граничните премини кон Грција повторно функционираат по принципот „отвори–затвори“, поради блокадите на грчките земјоделци. Според последното известување на Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ), денеска, 29 декември 2025, премините Богородица–Евзони и Меџитлија–Ники од 15:00 часот повторно се пуштени во сообраќај за сите видови возила.

Но, паузата е кратка. Истите извори наведуваат дека блокадите на Евзони се реализираат во два четиричасовни термини: од 11:00 до 15:00 часот по македонско време (12:00–16:00 по локално) и повторно од 17:00 до 21:00 (18:00–22:00 по локално време), што практично значи дека прозорецот за поминување е меѓу 15:00 и 17:00 часот.

Кај преминот Ники (Меџитлија), претходно во текот на денот имаше најави за ограничувања за товарни возила (затворање во периодот 10:00–16:00), па превозниците и патниците се упатуваат да ги следат следните ажурирања од АМСМ и граничните служби, бидејќи распоредот се менува во текот на денот.

Паралелно со граничните блокади, протестите низ Грција денеска се прошируваат и на внатрешните патишта. Според најавите што ги пренесуваат медиумите, во попладневните часови дополнително се блокираат сервисни и споредни патишта на коридорот меѓу Атина и Солун, со што земјата практично се „сече“ на два дела, додека затворен е и автопатот Јониа што ги поврзува Антирио и Јанина.

Зачлени се на нашиот е-билтен