Германија се соочува со сериозен недостиг од возачи на камиони – во моментов недостигаат најмалку 120.000 лица, што веќе директно се одразува врз транспортот на стоки и снабдувањето на продавниците, предупредуваат германските транспортни здруженија.
Поради хроничниот недостиг од работна сила, голем број транспортни компании во Германија се принудени да откажуваат испораки, бидејќи немаат доволно возачи за да ги извршат нарачките, изјави портпаролот на Федералното здружение на патни превозници, Дирк Енгелхарт, за германските медиуми.
Како што пренесува Шпигел, проблемот со години се продлабочува. Секоја година меѓу 30.000 и 35.000 возачи на камиони заминуваат во пензија, додека на пазарот на труд пристигнуваат само 15.000 до 20.000 нови возачи, што не е доволно за да се надомести загубата.
Недостигот од возачи директно ги зголемува трошоците во транспортниот сектор, кои растат побрзо отколку во другите гранки. Поради тоа, дел од превозниците се повлекуваат од јавни и приватни тендери, бидејќи приходите од транспортот повеќе не можат да ги покријат зголемените оперативни трошоци.
Последиците веќе се чувствуваат и во секојдневието на граѓаните. Повремените празни рафтови во супермаркетите, според експертите, не се секогаш резултат на ценовни спорови меѓу трговците и добавувачите – сè почесто причината е едноставна: нема доволно камиони и возачи што треба да ја донесат стоката.
Ситуацијата е дополнително загрижувачка ако се земе предвид дека околу 80 проценти од целокупната стока во Германија се транспортира по патен сообраќај. Тоа значи дека секој посериозен застој во овој сектор може брзо да предизвика синџирна реакција во целиот ланец на снабдување – од магацините до крајните потрошувачи.
Иако во јавноста сè почесто се зборува за автономни возила и камиони без возачи, од здружението на превозници не очекуваат дека оваа технологија наскоро ќе понуди реално решение. Според нив, возачите на камиони остануваат незаменливи, бидејќи нивната улога не се сведува само на управување со возилото, туку и на надзор, одговорност и заштита на превезената стока – задачи што тешко можат да се автоматизираат.