СДСМ Кисела Вода: Општината е заглавена во долгови, се маскира со нереални развојни програми

СДСМ
Dandarmkd, CC BY-SA 4.0 , via Wikimedia Commons

Советничкото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ го изгласа Буџетот на Општина Кисела Вода за 2026 година, во износ од 1,57 милијарди денари. И покрај звучните најави за „развој“, „транспарентност“ и „консултации со граѓаните“, станува збор за нереален, неразвоен и без визија буџет, кој не ги адресира суштинските проблеми на граѓаните.

Иако локалната власт се фали со наводни 57% капитални инвестиции, реалноста покажува дека буџетот е креиран како обид за прикривање на вистинската финансиска состојба на општината. Долгот на Општина Кисела Вода се маскира преку голем број т.н. развојни програми, кои постојат повеќе на хартија отколку во реалноста.

Загрижувачки е фактот што развојните програми се побројни од редовните годишни секторски програми, а најголем дел од нив не претставуваат нови проекти. Станува збор за рециклирани ветувања и префрлени ставки од времето на претходниот градоначалник, без јасна динамика, рокови и финансиска одржливост. Наместо нови идеи и решенија, граѓаните добиваат стара содржина во нова политичка амбалажа.

Советничката група на СДСМ поднесе пет конструктивни амандмани, насочени кон подобрување на буџетот и пренасочување на средствата кон реалните потреби на граѓаните. Сите амандмани беа одбиени без суштинска расправа и без аргументи.

Поради нерационалните расходи, недобро испланираните и нереални приходи, како и отсуството на јасна развојна стратегија, советничката група на СДСМ гласаше против овој буџет.

Во текот на речиси седум часа активна дискусија, советниците на СДСМ детално укажаа на пропустите, слабостите и ризиците од ваквиот буџет. Наместо аргументиран одговор, мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ одбра молк.

Без дискусија и без прифаќање на ниту еден амандман, ВМРО-ДПМНЕ самостојно го изгласа овој нереален, неразвоен и безидеен буџет, кој повеќе служи за политички маркетинг отколку за подобрување на животот на граѓаните на Кисела Вода.

Граѓаните заслужуваат вистински развој, одговорно управување и буџет што носи реални резултати – а не буџет на илузии.

Зачлени се на нашиот е-билтен