Трикратно повеќе пари за филмови: Агенцијата за филм со поддршка за младите автори

Агенцијата

Агенцијата за филм на Република Северна Македонија ги објавува резултатите од вториот рок на одлучување по Конкурсот за финансирање на проекти за производство на долгометражен и краткометражен игран, документарен и анимиран филм за 2025 година.

Со овој конкурс, Агенцијата за филм продолжува со поддршка на млади и перспективни автори, како и на нови режисерски и продукциски гласови, кои го развиваат својот авторски израз и придонесуваат кон динамичен и современ развој на националната кинематографија. Посебен фокус е ставен на проекти кои носат свежи теми, нови естетики и современи авторски пристапи.

Истовремено, во вториот рок се воспоставува јасен баланс меѓу поддршката на младата генерација и континуитетот на етаблирани филмски работници и режисери со значаен професионален и авторски опус.
Оваа година, преку вториот рок на Конкурсот, поддржани се етаблирани филмски работници и режисери со значаен авторски и професионален опус, како и звучни имиња од домашната и регионалната филмска сцена, меѓу кои се Радован Петровиќ, Изер Алиу, Марија Апчевска, Кумјана Новакова, Саша Станишиќ, Лидија Мојсовска, Ана Јакимска и Ивица Димитријевиќ.

На овој начин се овозможува стабилност во развојот на македонскиот филм, но и отворање простор за нови автори како Тина Величковиќ и Ханис Багашов, кои се дел од новата генерација филмски творци. Во рамки на конкурсот се поддржани и четири долгометражни играни филмови во меѓународна копродукција, со партнери од Албанија, Србија, Словенија и Црна Гора, што претставува продолжување на воспоставената меѓународна соработка и размена на креативни и продукциски искуства и големување на меѓународната видливост на македонските филмски проекти.

Поддржаните проекти се одликуваат со висок уметнички потенцијал и се очекува во наредните години да бидат реализирани и прикажувани на домашни и релевантни меѓународни фестивали, со што ќе придонесат кон афирмација на македонската кинематографија и нејзиното позиционирање во поширокиот европски и регионален културен контекст.

Вкупниот износ на доделени средства во вториот круг за 2025 година изнесува 97,300,000 денари.

Агенцијата за филм на Република Северна Македонија останува посветена на стратешка поддршка на авторски, иновативни и копродукциски филмски проекти, со фокус на одржлив развој, генерациска рамнотежа и јакнење на меѓународната соработка.

Проектите кои се прифатени по овој Конкурс може да се превземат од следните линкови: (docx) и (pdf)

Зачлени се на нашиот е-билтен