Руската војска денеска повторно ја обвини Украина за напад врз резиденцијата на претседателот Владимир Путин со дронови, објавувајќи видео од авион наводно соборен во нападот, што Киев го отфрли како неточно, а највисокиот европски дипломат рече дека е „намерно одвлекување на вниманието“.
Руското Министерство за одбрана објави видео на кое се гледа маскиран војник во близина на остатоци од беспилотно летало, тврдејќи дека леталото превезувало шест килограми експлозив.
Москва го обвини Киев за напад врз резиденцијата на Путин во Валдај, помеѓу Москва и Санкт Петербург, со 91 дрон во понеделник вечерта.
Украина веднаш го негираше ова, посочувајќи дека нема докази за ова и дека Москва сака да го оправда блокирањето на преговорите за прекин на конфликтот.
Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, во средата ја обвини Русија дека се обидува да ги саботира мировните напори со овие „неосновани“ обвинувања.
„Тврдењето на Русија дека Украина неодамна нападна клучни владини објекти во Русија е намерно одвлекување на вниманието. Москва има за цел да спречи вистински напредок кон мирот од страна на Украина и нејзините западни партнери“, оцени таа на платформата X.
„Никој не треба да ги прифаќа неоснованите тврдења на агресорот кој неселективно ги напаѓа украинската инфраструктура и цивилите од почетокот на војната“, нагласи таа во публикацијата.