Турските власти денес ги продолжија операциите на национално ниво против осомничени членови на Исламска држава, приведувајќи 125 лица во истовремени рации во 25 провинции.
Во изминатата недела, полицијата приведе стотици осомничени членови на Исламска држава во рации насочени кон спречување на можни напади за време на божиќните и новогодишните празници.
Осомничени членови на ќелија на таа терористичка организација пукаа врз полицијата за време на рација во понеделник во северозападната покраина Јалова.
Шест осомничени членови и тројца полицајци беа убиени во судирот, додека осум други полицајци и еден ноќен чувар беа ранети кога безбедносните сили упаднаа во куќата што се користеше како скривалиште. Властите соопштија дека сите милитанти се турски државјани.
Министерот за внатрешни работи Али Јерликаја изјави дека денес се извршени рации во Истанбул, Анкара, Измир, Бурса и Јалова. Исламска држава изврши серија смртоносни напади во Турција, а еден од најголемите е пукањето во ноќен клуб во Истанбул за време на новогодишните прослави во 2017 година, во кое беа убиени 39 лица.