Албанија вечерва? Ќафасан затворен над 24 часа: цистерна на патот

Ако планирате дочек или преноќување во Албанија и тргнувате од западниот дел на земјата, избегнувајте ја класичната рута преку Струга кон граничниот премин „Ќафасан“. Сообраќајот на правецот Струга–Ќафасан е во целосен прекин поради превртена цистерна, а блокадата трае повеќе од 24 часа.

Проблемот не е само во незгодата, туку во тоа што се работи за еден од клучните излези кон Албанија во најфреквентниот период од годината. Кога овој правец ќе „падне“, колоните не остануваат локален проблем – се прелеваат во Струга и Охридско, а притисокот се пренасочува кон другите премини, што дополнително го зголемува ризикот од заглавување на пат.

Од СВР Охрид за МИА посочиле дека екипи се на терен, но цистерната сè уште не е отстранета поради „технички причини“. Во дневните информации на АМСМ, состојбата е заведена како прекин на сообраќајот кон ГП „Ќафасан“ во двата правци, што практично значи дека не се работи за „пропуштање наизменично“, туку за целосна блокада.

Ако мора да патувате, најразумно е да ја менувате рутата навреме: како алтернатива се споменуваат ГП „Свети Наум“ (кај Охрид) и ГП „Блато“ (кај Дебар). Во вакви денови, најмалата грешка е да „пробате па ако има гужва ќе свртите“ – затоа што најчесто нема каде да се сврти, а заглавувањето во колона знае да трае со часови, особено ако падне мраз.

Зачлени се на нашиот е-билтен