На денешен ден е основана легендарната група „Леб и сол“

„Леб и сол“

Секоја од досега познатите приказни за овој вонсериски состав започнува со податокот дека групата е основана на 1.1.1976 година, во скопската населба Тафталиџе, на улицата Мексичка. Но, овде ќе се обидеме да се вратиме неколку месеци порано, во есента 1975 година кога всушност и започнуваат разговорите меѓу Владимир Стефановски-ВлаткоБодан АрсовскиНикола Димушевски-Кокан и Димитар Чочоровски-Чочор за формирање музички состав низ кој ќе се рефлектира најдоброто од светската фјужн-џез сцена: „Mahavishnu Orchestra“, „Return To Forever“, „Weather Report“, од прогресивната: „East Of Eden“, „Soft Machine“, „Gong“, од симфо-звукот: „ELP“, „Yes“, и состав кој како свои доблести ќе ги поседува: храброста на Безимени, одлучноста на Бис Без, посветеноста на Република 903, авангардноста на Скрб, интелигентноста на Брег, експлозивноста на Torr, пркосот на Triangl, популарноста на Пу и виртуозноста на Око, состав кој екот и одекот на македонската традиционална песна ќе го има како параметар во формирањето на сопствениот автентичен звук.

Почетните проби на оваа четворка немале некоја конкретна форма, туку повеќе се сведувале на премерување на силите, препознавање еден со друг на нејзините членови и расвирување на инструментите, па и самиот репертоар во овој период е доминантно составен од кавери. Викендот пред новата 1976 година е моментот кога тие ќе почувствуваат дека можат да се носат со предизвикот. На првата следна проба што ќе ја договорат, во бараката на Чочор во населбата Влае, ќе го официјализираат и почетокот на групата на која ќе ѝ го дадат името Леб и сол. Кратко, оригинално и автохтоно.

Тој ден – 1.1.1976 – ќе го забележат во своите нотеси. Сè по тој датум е испишување на една од најимпресивните музички кариери на овие балкански простори и, со сигурност, најдоминантната во македонската музичка историја.

Зачлени се на нашиот е-билтен