Кога Трамп вели „подготвени сме“, Техеран возвраќа со „црвена линија“

Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека САД ќе „интервенираат“ ако иранските власти „насилно убиваат“ мирни демонстранти, додека протестите во Иран влегоа во шестиот ден и прераснаа од економски револт во јавно антивладино незадоволство. Пораката ја објави на социјалните мрежи со формулација дека САД се „locked and loaded“, во момент кога од повеќе извори се пријавуваат загинати во судири меѓу демонстранти и безбедносни сили.

Техеран одговори со остар тон. Високи ирански функционери предупредија дека секое американско мешање е „црвена линија“ и дека би имало последици за американските интереси и военото присуство во регионот. Во паралела, иранските власти повторно ги обвинија САД и Израел дека „поттикнуваат“ немири, без јавно да приложат докази.

Протестниот бран се врзува со драматичниот пад на риалот и растечките трошоци за живот, а дел од медиумите и организации за човекови права наведуваат дека бројот на жртви може да варира зависно од изворот, бидејќи официјалните податоци често заостануваат зад теренските сведоштва. Новата размена на закани доаѓа во период на веќе високи тензии меѓу Вашингтон и Техеран, по настаните од средината на 2025, кога регионот повторно влезе во циклус на ескалации и одмазди.

Зачлени се на нашиот е-билтен