Руските медиуми усогласени со државата и дезинформациската мрежа Portal Kombat лажно тврдат дека слободата на медиумите е поголема во Русија отколку во Франција затоа што француски новинар бил дозволен да постави прашање на Владимир Путин, објави сервисот „ЕУ против дезинформации“ на социјалните мрежи.
Според нив, таквото тврдење е и погрешно и манипулативно, а за тоа наведоа и неколку факти:
- Прашањата на прес-настаните на Путин се претходно проверени, а учеството е строго контролирано од Кремљ. Новинарите немаат слобода да поставуваат непланирани или критички прашања.
- Русија е рангирана на 171. место од 180 земји во Индексот за слобода на медиумите за 2025 година, што ја става меѓу најлошо рангираните држави во светот. За споредба, највисоко пласираните држави се претежно членки на ЕУ, вклучувајќи ја и Франција.
- Русија систематски го цензурира својот информативен простор: независните медиуми се блокирани или протерани во егзил, Facebook и Instagram се забранети, а платформи како YouTube и X се соочуваат со забавување или државни притисоци. Новинарите кои ги оспоруваат наративите на Кремљ, ризикуваат казни или кривични постапки.
„Дозволувањето едно однапред одобрено прашање на строго режиран настан не претставува слобода на медиумите, ниту пак го поништува фактот за широко распространетата цензура и репресија врз независното новинарство во Русија“ велат оттаму.
Инаку, „ЕУ против Дезинформации“ е онлајн сервис кој работи на разотривање на дезинформациите и лажните вести од Русија.