Од сега ЧЕТгпт ќе дава докторски совети

OpenAI го претстави ChatGPT Health (ЧетГПТ Хелт) – посебна „здравствена“ секција во рамки на ChatGPT, наменета за здравје и велнес, која им овозможува на корисниците да поврзат медицински записи и апликации за следење здравствени навики, за да добиваат поперсонализирани објаснувања и насоки во секојдневното снаоѓање со здравствени информации.

Компанијата наведува дека здравјето веќе е меѓу најчестите теми за кои луѓето го користат ChatGPT и дека, врз основа на нивна де-идентификувана анализа на разговори, над 230 милиони луѓе неделно поставуваат прашања поврзани со здравје и благосостојба. Новата секција треба да помогне во ситуации кога здравствените податоци се „раштркани“ низ пациентски портали, апликации, уреди и документи, па корисникот тешко добива целосна слика.

Како што нагласуваат и OpenAI и медиумите што ја пренесоа веста, ЧетГПТ Хелт не е наменет за дијагноза или третман. Фокусот е на разбирање резултати од анализи, подготовка за лекарски прегледи, следење трендови (на пример, холестерол), толкување здравствени белешки и полесно планирање исхрана и физичка активност врз основа на податоците што корисникот самиот ќе ги внесе или ќе ги поврзе.

Еден од клучните елементи што OpenAI го истакнува е приватноста. Здравствените разговори и датотеки функционираат како одделен простор во ChatGPT, со посебни „мемории“ и дополнителни заштити, вклучително и изолирање на здравствениот контекст од останатите разговори. Компанијата наведува дека разговорите во Health не се користат за обука на нивните „foundation“ модели и дека корисникот може да ги прегледува или избрише „Health memories“ во секое време. За интеграција со медицински записи во САД, OpenAI наведува партнерство со b.well како инфраструктура за поврзување податоци.

Во првата фаза, пристапот ќе се шири постепено, преку листа за пријавување, со стартна група на корисници за тестирање и доработка. OpenAI наведува дека иницијално пристап добиваат корисници надвор од Европската економска област, Швајцарија и Обединетото Кралство, а целта е услугата да се прошири на веб и iOS во наредните недели. Дел од интеграциите – особено медицинските записи и одредени апликации – засега се ограничени на САД, а поврзувањето со Apple Health бара iOS.

Паралелно со ентузијазмот, дел од експертската јавност предупредува дека споделувањето медицински податоци со АИ-платформи мора да се прави внимателно, поради ризици од приватност и можни неточности во одговорите. Во тој контекст, пораката што доминира во објавите е дека ЧетГПТ Хелт е алатка за информираност и подготовка, а не замена за лекар и клиничка проценка.

Зачлени се на нашиот е-билтен