Никогаш празно столче на стандарден политички настан не зборувало така гласно и рационално како ова столче на фотографијата за овој текст.
Зоран БОЈАРОВСКИ
Никогаш празно столче на стандарден политички настан не зборувало така гласно и рационално како ова столче на фотографијата за текстот, поставено на тркалезната маса за лидерската средба што ја иницираше премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
За да биде иронијата поголема, организаторите на средбата, вклучувајќи го и Мицкоски, бидејќи секако тоа празно столче не било поставено без негово знаење, овозможија тоа добие суштинска улога на средбата откако таа заврши така како што заврши: Техничката влада од Пржинскиот договор останува и понатаму до некој друг договор.
Дали тој договор ќе биде на следните избори, како што најави денеска претеседателот на ВМРО-ДПМНЕ, останува отворено зашто до тогаш треба да бидат надминати сите причини поради кои настана Пржино и поради кои се воведе инструментот техничка влада за да се обезбедат фер и демократски избори.
Претседателот на СДСМ Венко Филипче во изјавата од Бигаќка, откако лидерите присутни на лидерската во Клубот на пратениците ги дадоа своите изјави, уште еднаш потсети дека техничката влада е воведена поради аномалии во рамки на функционирањето на државата кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ и кои сега, за неполни две години повторно испливаа на површина.
Според него, СДСМ е спремен за избори кога и да се случат и посочи дека е сигурен оти ќе има предвремени избори и дека организатор на тие избори ќе биде техничка влада.
Филипче уште рече дека дека укинувањето на техничката влада може да се случи тогаш кога македонското општество ќе биде зрело и подготвено според европските стандарди.
Како што сега стојат работите, Македонија е далеку од таквите европски стандарди. Тие не се постигнуваат на лидерски средби кои се претвораат во обичен пазар за размена на лични или партиски амбиции.
Европските стандарди ќе се постигнат со бескомпромисно спроведување на реформите од агендата од Планот за раст. Патот за тие реформи е исцртан и само треба да се чекори по него со соодветно затворање на домашните задачи за да стигнеме до отворање на ЕУ поглавјата.
За да стигнеме до таа фаза на Македониија ѝ требаат реални приоритети кои произлегуваат од националните интереси на сите граѓани во земјата, а не од партиските. Ни треба лидерска за влез во ЕУ, а не за избори без контрола по што оваа стратешка цел, членството во ЕУ, ќе биде уште подалечна.
Инаку, две работи се индикативни од лидерската „василичарска“ средба. Првата е дека Мицкоски и Али Ахмети, колку и да изгледаат „лути непријатели“, си подадоа рака за тет-а-тет средба. Можеби Изет Меџити затоа не дојде на средбата и неговото столче го зазеде секундантот Билал Касами. Но тоа е помалку важно, поважно е што договорот за средба Ахмети-Мицкоски е индикатор се предвремени избори, па овие давјца имаат што да се договараат. Особено после поразот на ВЛЕН во Гостивар на повторените локални избори на кои кандидатот на НАИ, односно ДУИ, прилично убедливо го победи извиканиот фаворит на Вреди Невзат Бејта.
Втората индиција е срамежливото спомнување во изјавите во Клубот на пратениците дека на средбата било побарано за прашањето за укинување на техничката влада да се консултираат САД и ЕУ, како креатори на Пржинскиот договор. Нормалмно, тоа го побарал Али Ахмети, кој е единствениот учесник на преговорите во резиденцијата на шефот на ЕУ делегацијата во Пржино.
Тој многу добро знае дека кога се прават такви договори, не може да се преправаат или укинуваат без сите актери што ставиле потписи. А ЕУ во последниот извештај за напредокот на Македонија напиша: Земјата стагнира, а во некои поглавја дури и назадува.
Така што, бидете така, техничката си останува.