„Утрово нѐ напушти мојата мајка Сенка Велетанлиќ, по тешка болест. Замина тивко, достоинствено, во сон, како дама, токму како што ѝ прилегаше. Те сакам мамо. Ти благодарам мамо“, напиша вчера на социјалните мрежи нејзиниот син, Васил Хаџиманов, роден во бракот со Зафир Хаџиманов, легендата на македонската популарна музика.
Велетанлиќ е родена на 27 мај во 1936 во Загреб. Почнала да пее во хорот на КУД „Јожа Влаховиќ“, а во 1958 ги направила првите снимки за Радио Загреб. Дипломирала на Економскиот факултет, но решила да продолжи со музиката. Во 1960, на фестивалот во Опатија, ја отпеа „Ноќ без ѕвезди“ и стана ѕвезда во поранешна Југославија.
На средината на 1960-тите се омажи за колегата Зафир Хаџиманов. Во 1967, Сенка и Зафир го одржаа својот прв рецитал во театарот Ателје 212 во Белград, а ТВ Белград за првпат сними концерт во живо со популарна музика. Дуетот на Сенка и Зафир, „Љуби ме и главата горе“ стана евергрин во Македонија и во поранешна Југославија. Во 1972, таа сними дует со нејзината сестра Бисера Велетанлиќ. Како актерка играше во десетина филмови и ТВ серии, а најпозната ѝ е улогата во „Три“ на Александар Петровиќ од 1965, еден од најзначајните филмови на таканаречениот југословенски црн бран.