Поскпување на комуналии во Битола повторно се отвора како тема, откако градоначалникот Тони Коњановски порача дека јавните претпријатија влегуваат во период во кој „непопуларните мерки“ стануваат услов за опстанок и ефикасност. Во обраќање до граѓаните тој оцени дека претпријатијата се под притисок од повеќе кризи и дека без нови инвестиции и корекција на цените нема да можат да одговорат на обврските што ги носат новите проекти и секојдневните услуги.
Коњановски посочи дека секое јавно претпријатие „се бори со свои предизвици“, наведувајќи ја енергетската криза и зголемувањето на платите како фактори што директно ја оптоваруваат нивната работа. Во таа рамка најави потреба од инвестиции во механизација, особено поради „новите градежни проекти што општината ги доби од владата“, што индиректно значи дека локалниот комунален систем треба да ја подигне оперативната способност ако сака да биде изведувач, а не само набљудувач на големите зафати.
Но, централната порака не беше само за механизација, туку за цените. Градоначалникот тврдеше дека во Битола има претпријатија и услуги чии тарифи со децении не биле корегирани, наведувајќи дека дел од комуналните услуги не се менувале од 1994 година. „Сега сме пред предизвикот за зголемување на цените на услугите. Не е популарна мерка, но е неопходна за претпријатијата да станат посамостојни и поефикасни“, рече тој.