OpenAI официјално најави дека на 13 февруари, покрај претходно најавеното повлекување на моделите GPT-5 (Instant и Thinking), од употреба ќе ги повлече и постарите јазични модели GPT-4o, GPT-4.1, GPT-4.1 mini и o4-mini во рамки на интерфејсот на ChatGPT. Овие промени се однесуваат исклучиво на директните корисници на нивниот четбот, додека во API услугите засега нема да има никакви измени.
Нова генерација модели
OpenAI најмногу се фокусира на GPT-4o, модел кој еднаш веќе беше повлечен, но беше вратен по бројни реакции од корисниците. Корисниците ја истакнаа важноста на моделот за креативни процеси и го преферираа неговиот специфичен, потопол стил на комуникација. Токму овие рекации послужија како основа за развој на новите верзии GPT-5.1 и GPT-5.2, кои наскоро ќе бидат единствените достапни модели за поголемиот дел од корисниците.
Новите модели носат подобрувања во „карактерот“ на вештачката интелигенција и посилна поддршка за креативни идеи. Клучна новина е воведувањето контроли што им овозможуваат на корисниците прилагодување на тонот и стилот на одговорите, вклучувајќи поставки за срдечност и ентузијазам, со што секој може да ги приспособи одговорите според своите преференции. Од OpenAI велат дека со тоа ќе им се овозможи поголема контрола на корисниците.
Одлуката за конечно гасење на моделот GPT-4o е донесена откако податоците покажале дека повеќето корисници веќе преминале на понапредниот GPT-5.2. Според официјалните податоци, само 0,1% од активните корисници дневно сè уште го избираат GPT-4o, што за OpenAI претставува доказ дека новите надградби успешно ги замениле функциите на постариот модел во секојдневната употреба.
Иако во компанијата признаваат дека губењето на пристапот до моделот GPT-4o може да предизвика фрустрација кај мал број корисници, истакнуваат дека повлекувањето на старите модели е неопходно за фокусирање на ресурсите кон подобрување на актуелните модели.