Средбата меѓу претседателите на Русија, Кина и САД за прекин на војната во Украина само би го охрабрила Владимир Путин да ја продолжи војната, изјави денес украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибига, објавија медиумите во Киев.
Рускиот претседател Владимир Путин предложил средба со Доналд Трамп и Си Џинпинг за да преговараат за договор за прекин на војната во Украина под услови поволни за Русија, објави „Волстрит џурнал“, повикувајќи се на информирани извори.
„Поканувањето на Путин на таков состанок само би ја разгорело неговата желба за величина и би му дало статус што не го заслужува. Тој не е светски лидер. Тој е воен злосторник. А Русија не е светска сила, таа е глобален проблем“, напиша украинскиот министер на платформата X.
Сибига се залагаше за руско-американско-украински самит.
„Без оглед на критериумот, прагматичен или морален, Путин нема место на масата на претседателот (Доналд) Трамп и Си (Џинпинг)“, додаде украинскиот министер, наведувајќи дека чекорот на Путин кон мир би бил да прифати предлог за прекин на огнот пред каква било таква средба.
Како што објави „Волстрит џурнал“, Москва предлага средбата со Доналд Трамп и Си Џинпинг да се одржи за време на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) кон средината на ноември во Кина.

