По повеќе од половина век пауза од последната екипирана мисија „Аполо 17“ во 1972 година, НАСА повторно го отвора патот кон Месечината со мисијата Artemis II – првиот лет со екипаж во програмата „Артемис“ и прв човечки лет надвор од ниската Земјина орбита во оваа нова ера.
Армис II не е мисија за слетување, туку „генерална проба“ за сè што треба да следи. Планот е четворица астронаути да направат лунарен прелет и да ја тестираат целата архитектура – од ракетата Space Launch System до капсулата Orion – во услови на „длабока вселена“, со фокус на системите за животна поддршка, безбедност и враќање на Земјата.
Според последните ажурирања, лансирањето е целено „не порано од“ 8 февруари 2026 година, откако подготовките и клучниот „wet dress rehearsal“ беа поместени поради временски услови и ниски температури на лансирната рампа во Флорида.
Екипажот го сочинуваат Рид Вајсман (командант), Виктор Гловер (пилот), Кристина Кох и Џереми Хансен. Мисијата е проектирана да трае околу 10 дена, а при враќањето капсулата би влегла во атмосферата со брзина од околу 40.000 километри на час – екстремен тест за топлотниот штит и за целата логика на „безбедно враќање“ што ќе биде критична и за идните слетувања.
Меѓународната димензија не е само во екипажот. „Орион“ се потпира на Европски сервисен модул, развиван во рамки на Европската вселенска агенција, со индустриска изведба на Airbus: модулот обезбедува електрична енергија, погон, термичка контрола, како и воздух и вода – практично „животниот мотор“ на леталото.
Ако Artemis II помине без сериозни проблеми, ќе го отвори патот за Artemis III – мисијата која треба повторно да врати луѓе на лунарната површина – и за развојот на Lunar Gateway, планирана орбитална станица околу Месечината што треба да стане логистичка станица за подолгорочно присуство.