„Срам и пари“ (Shame and Money) во режија на Висар Морина, ја освои големата награда на жирито (World Cinema Grand Jury Prize: Dramatic) на овогодинешното издание на филмскиот фестивал „Санденс“.
Филмот е реализиран како ко-продукција помеѓу Германија, Косово, Северна Македонија, Словенија, Албанија и Белгија. Македонски ко-продуцент е Марија Димитрова со „Лист продукција“од Скопје, а со поддршка од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.
„Срам и пари“ беше дел од натпреварувачката категорија “World Cinema Dramatic Competition” на фестивалот, кој оваа година за последен пат се одржува во Парк Сити (Јута, САД) од 22 до 31 јанаури 2026 година, пред да биде преселен во Болдер, Колорадо, каде ќе се одржува од идната година.
Филмот ја следи приказната на Хатиџе и Шабан, брачен пар во своите 40-ти години кои со своето пошироко семејство живеат на фарма во рурално Косово. По семејниот спор, начинот за нивна егзистенција на село е оневозможен, а тие се принудени да се преселат во Приштина. Соочени со притисокот да најдат работа и место за престој за да можат да се грижат за своето семејство, за Хатиџе и Шабан започнува истоштувачко патување низ суровото хипер-капиталистичко општество.
Главните улоги ги играат Астрит Кабаши, Флоња Кодели, Кумрије Хоџа, Фиона Главица и Албан Укај, а сценариото е на Висар Морина и Дорунтина Баша.
Македонската екипа ја сочинуваат Марија Димитрова ко-продуцент, актерите Теута Ајдини и Рефет Абази, тон-мајсторот Игор Поповски, микроманот Дарко Бошковски, мајсторот на светло Костадин Дончев, мајсторот на сцена Трајче Величковски и координаторот на продукција Александар Атанасов.
„Срам и пари“ се најде и на листите за најдобрите филмови на Sundance 2026 на The Hollywood Reporter и Variety, заедно со хит филмовите на фестивалот како The Invite, I want your sex, Josephine, Leviticus, Wicker, а доби и голем број позитивни критики во останатите гласила за филм.