Или-Или ја реиздаде дебитантската „Писма“ на Игор Исаковски, легендата што го креираше ритамот и духот на времето во кое твореше

Исаковски

Книгоиздателството Или-Или го објави реизданието на дебитантската проза „Писма“ од Игор Исаковски. Првото издание книгата го доживеа во 1991 година (издавач: Книжевна младина на Македонија), и еве, по 35 години, една од „најскопските“ книги повторно повторно заживува и меѓу новата генерација на домашни читатели.

По собраната поезија на едно место (десетте стихозбирки) во луксузното издание насловено „Совршен поет“, кое издавачката куќа „Или-Или“ го промовираше минатата есен, „Писма“ е одлично надоврзување на тој издавачки потег бидејќи се претставува Исаковски во неговата суштинска форма, на почетокот од пишувачката авантура, кога и го најави својот несомнен талент.

„Книгата три ипол децении трпеливо чека читање и препрочитување, како и превреднување на нештата, бидејќи добрата литература го прави токму тоа, таа не старее и никогаш не губи од својата релевантност и вредност“, вели уредникот Игор Анѓелков во поговорот од книгата.

„На реизданието на „Писма“ можеме да гледаме како на потсетник дека книжевната сцена кај нас одвреме-навреме знае(ла) да изнедри авторски глас кој на автентичен начин го обликува(л) современието, а Исаковски тоа го правеше во текот на целиот свој креативен живот. Оваа драгоцена книга е потсетник на еден град кој живееше 24/7, на едни луѓе кои ги знаеја сите негови светли и темни сокаци, и на еден автор кој сето тоа го обликуваше во книжевен бисер што живее за вјек и веков“, заклучува тој.

Игор Исаковски имаше само 44 години кога почина во 2014 година. Почина како голем, современ поет, прозаист, преведувач и уредник.

Роден е во 1970 година во Скопје е роден. Работел како радио и ТВ водител д 1991 до 1999 година и потоа од 2001 од 2003 година .Тој бил основач и директор на културната установа „Блесок“, а работел и како главен и одговорен уредник и веб-мастерот на истоименото списание. Исто така бил уредник на списанието на Независните писатели на Македонија, „Наше писмо“. Дипломирал на катедрата за Општа и компаративна книжевност во Скопје, а магистрирал на Средноевропскиот универзитет во Будимпешта (Родови и културолошки студии). 

Објавени книги: „Писма“ (роман, 1991), „Црно сонце“ (поезија, 1992), „Експлозии, трудна месечина, ерупции…“ (раскази, 1993), „Вулкан – Земја“ (поезија, 1995),  „Небо“ (поезија, 1996, 2000), „Гравири – Blues говорница“ (многу куси текстови, 2001), „Песочен часовник“ (раскази, 2002), „Длабоко во дупката“ (поезија, 2004), „Пливање во прашина“ (роман, 2005, награда „Прозни мајстори“, 2005), 2Blues говорница II“ (2006, Годишна награда за најдобро графичко решение на печатена книга, 2006), „Стажирајќи за светец“ (поезија, 2008), „Ноќта е најтемна пред разденување“ (поезија, 2009, Награда на Белградски фестивал на поезија и книга, 2010), „Вулкан – Земја – Небо“ (поезија, 2010), „Љубовна“ (поезија, 2011), „Смртта има коса од морска трева“ (поезија, 2013), „Дека да“ (поезија, 2015).

Исаковски преведувал поезија, проза и есеи, од (и на) македонски, англиски, словенечки, српско-хрватски-босански-црногорски. Во негов превод, на македонски јазик се објавени 60 книги, меѓу кои оние на: Алеш Дебељак (2), Лудвиг Гиц, Марија Тодорова, Душан Гојков, Клод Фримен, Роберт Млинарец, Јосип Ости (8), Рони Сомек, М.Т.Ц. Кронин, Горан Глувиќ, Томас Шапкот, Џек Галмиц, Герит Бусинк, Ханс ван де Ваарсенбург, Том Петсинис (2), Сибила Петлевски (2), Хенк ван Керквијк (Дејвид Винвуд), Павле Горановиќ, Предград Луциќ, Хенри Милер, Оља Савичевиќ Иванчевиќ, како и една антологија на црногорската поезија.

Исаковски уредил четири антологии; „Шест македонски поети“ / „Six Macedonian poets“, (објавена од „ARC Publications“, Велика Британија, 2011), како и два CD-ROM-а.

Поезијата и прозата му се преведени и објавени на шеснаесет јазици во дваесетина земји. Застапен е во голем број избори и антологии во Македонија и во странство.

Игор Исаковски ја означи генерацијата современи македонски писатели и го креираше ритамот и духот на времето во кое твореше.

Зачлени се на нашиот е-билтен