Најмалку 15 лица го загубија животот, а 24 се повредени во тешка поморска несреќа што се случи во среда, 4 февруари 2026 година, во близина на островот Хиос во Грција. Меѓу повредените има 11 деца, како и двајца припадници на Грчка крајбрежна стража, соопштија надлежните, додавајќи дека потрагата по евентуално исчезнати лица продолжува и во текот на денот.
Според досегашните официјални информации, од морето биле извлечени телата на 14 мигранти, додека една жена починала подоцна во болница како последица на здобиените повреди. Спасувачките екипи интервенирале по судир меѓу патролен брод и гумен глисер во кој се превезувале мигранти.
Инцидентот, според првичните наводи, се случил за време на редовна патрола, кога бил забележан гумен глисер што пловел без навигациски светла. Иако патролниот брод упатил светлосни и звучни сигнали за запирање, глисерот не застанал, по што дошло до судир. Од силината на ударот, пловилото се превртело и потонало, а патниците завршиле во морето.
Во болница биле пренесени 25 спасени лица, како и двајца членови на екипажот на патролниот брод. Дел од повредените се задржани на медицински третман, додека истрагата за точните околности и причините за несреќата е во тек.