Македонската полиција заплени над 27 тони марихуана во Скопје и Струмица

Акцијата е поврзана со петте тони одземени во Србија и претставува најголема конфискација на дрога досега во земјата

Попладнево и вечерва полицијата спроведе заплена на речиси десет тони марихуана во Скопје, складирани во кругот на фирмата инволвирана во случајот со нелегален шверц, дознаваат медиумските извори. Паралелно се спроведува и втора акција надвор од Скопје, каде што се одземаат дополнителни 18 тони марихуана, според неофицијални информации од струмичко подрачје.

Акцијата ја води Министерството за внатрешни работи под насоки на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Вкупната количина од околу 27 тони марихуана ја прави најголемата конфискација на дрога во Македонија.

Заплената следи по настаните од пред четири дена, кога српските власти пронајдоа и одзедоа пет тони марихуана наменети за српскиот пазар. Дрогата била складирана во магацин поврзан со семејство во село во Крушевац.

Во фокусот на истрагата е компанијата „Алфафарм ДОО Скопје“, регистрирана во 2023 година со дејност одгледување и преработка на билки, ароматични и лековити растенија за фармацевтска употреба. Податоците од Централниот регистар покажуваат дека компанијата има акционерски капитал од околу 529 илјади евра и повеќе ко-сопственици, со измени во сопственичката структура денови пред шверцот на петте тони во Србија.

Во кругот на поранешниот комплекс ОХИС, каде што е седиштето на „Алфафарм“, вечерва е присутно засилено полициско присуство, истражители од Обвинителството и медицински лица.

Според официјални информации од Србија, пет лица се осомничени за шверцот, од кои две се сè уште недостапни за органите на прогонот. Бројот на осомничени и деталите за кривичните дела во Македонија ќе бидат објавени по завршувањето на целосната истражна постапка, кога официјално ќе се потврди заплената од над 27 тони марихуана.

Зачлени се на нашиот е-билтен