Сообраќајот на државните патишта денес се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, информираат од Авто-мото сојузот на Македонија. Врнежи од снег се бележат на Попова Шапка, а на делницата од село Лисец кон Попова Шапка има услови за задржување на снег на коловозот, поради што се препорачува дополнителна внимателност и прилагодување на брзината.
Намалена видливост поради магла е регистрирана на неколку патни правци. На патот Штип – Неготино, кај Серта, видливоста е намалена до околу 80 метри. Магла има и во Крушево со видливост до 50 метри, на планинскиот премин Стража до 100 метри, како и во околината на Маврово каде видливоста е до 50 метри.
Од АМСМ соопштуваат дека сите патни правци во државата се проодни. Истовремено потсетуваат дека од 15 ноември 2025 година е на сила законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без оглед на моменталните временски услови, и таа важи до 15 март 2026 година.
Интензитетот на сообраќај надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата. Од АМСМ апелираат возачите да управуваат внимателно, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да возат со прилагодена брзина, особено низ котлини, речни долини и клисури каде постои ризик од одрони. Посебна претпазливост се препорачува на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.