Нов авион за Мицкоски ама нема пари за минималец: што е приоритет на Владата?

Додека работниците се туркаат да „преговараат“ за минималната плата како да е приватен спор без држава зад нив, од владиниот врв паралелно излегуваат сигнали дека се размислува за нов владин авион. СДСМ денеска ја нападна Владата дека одбива минимална плата од 600 евра со образложение дека „нема пари“, а истовремено, како што тврдат, планира купување авион „за Мицкоски“ и службен луксуз што, во нивната реторика, оди на грбот на граѓаните.

Вистинскиот проблем, меѓутоа, не е само партиската комуникација, туку контекстот што Владата сама го гради со своите пораки. Премиерот Христијан Мицкоски јавно изјави дека минималната плата треба да ја договорат работниците и работодавачите, а Владата да биде „само посредник“. Во земја каде минималецот е директно поврзан со сиромаштија, иселување и долгови, таа позиција изгледа како умивање раце: кога се бара системска корекција за најниските плати, државата се повлекува; кога се зборува за државни комодитети, државата се појавува како најконкретен актор.

Во јавноста, идејата за нов владин авион одамна не е „шпекулација“. Уште во јануари 2025 се објавуваше дека се разгледува набавка на нов или половен авион (не постар од 2–3 години), со проценки од 30 до 40 милиони евра, а како аргумент се наведуваа дефекти и ограничен капацитет на постојниот „лирџет 60“. Владата тогаш ја бранеше логиката дека „треба да се купи нов авион“ за да се намалат ризиците. Значи, не станува збор за тоа дали авион „постои во наратив“, туку дали државата има нерв да каже: за работникот има само законско усогласување и префрлање одговорност, но за државниот луксуз – има политичка волја, постапка и оправдување.

Сликата станува уште поостра ако се гледа од перспектива на синдикатите. ССМ тврдеше дека владин претставник не се појавил да ја потпише спогодбата со која минималната плата требаше да порасне на 600 евра, што тие го прочитаа како порака дека „не им е приоритет“ зголемувањето на работничките плати. Во таков амбиент, секоја информација за авиони, мебел, патувања и „штедење“ на грбот на најсиромашните не е само политичка кавга, туку тест за тоа кого државата прво штити – работникот или кабинетот.

Зачлени се на нашиот е-билтен