СДСМ: Се подготвува враќање на Груевски

СДСМ во соопштение денес изнесе факти и податоци кои го поткрепуваат нивниот сомнеж дека се подготвува нова операција за враќање на избеганиот поранешен премиер Груевски во Македонија. Во соопштението се вели:

Јавно предупредуваме за опасни политички маневри кои се случуваат во Македонија.

Очигледни се напорите на ВМРО да го рехабилитираат и вратат во земјата осудениот бегалец Никола Груевски. Христијан Мицкоски е привремен чувар на фотелјата за вистинскиот газда на ВМРО.

Станува збор за внимателно планирана операција која ги поткопува темелите на нашата правна држава.

Како се прави сето ова за Груевски да се врати во земјата? Дозволете ми да ви објаснам чекор по чекор, врз основа на факти.

Прво, губење на заштитата од Виктор Орбан.

Сите анкети покажваат дека партијата на Орбан на следните априлски избори во Унгарија ќе доживее пораз.

Со тоа Груевски веќе нема политички штит кој му овозможуваше азил и заштита од екстрадиција.
Промената на власта во Будимпешта го отвора патот за неговото враќање во земјата. ВМРО тоа нема да го претстави како соочување со правдата, туку како „исправување на неправдата“.

Ова е првиот сигнал дека „газдата“ се подготвува да се врати дома.

Второ, укинување на сите потпретседателски позиции во ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски тоа го направи за да стане единствениот заменик сам на себе.

Наместо реформа, стратешки потег за да се елиминира внатрешната конкуренција и да се подготви теренот за Груевски и неговото враќање на чело на партијата, додека Мицкоски е само чувар на фотелјата која го чека својот „вистински“ сопственик.

Трето, напад на случаите кои ги водеше СЈО и предвреме пуштање на Катица Јанева од затвор.

Црна кампања која е веќе почната за ширење дезинформации за наводни „политички прогони“.

Да се искористи како инструмент за дискредитација на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и прогласување на пресудите на Груевски за неважечки.

Ова е дел од поширокиот напад врз институциите кои ја разоткрија корупцијата и злоупотребите на власта за време на ерата на Груевски.

ВМРО троши енергија, време и пари на сите граѓани на Македонија за „перење“ на биографијата на осудениот бегалец.

Четврто, најавата на Мицкоски дека ова му е последен мандат како претседател на партијата и дека нема да го менува статутот на партијата.

Ова е сигнал дека „газдата“ се враќа и дека му се подготвува теренот.

Мицкоски се позиционира како лојален чувар на фотелјата кој ќе ја предаде власта на Груевски, потврдувајќи дека ВМРО не еволуирала, туку останува заробена во авторитарното минато.

Овие маневри не се само партиска игра. Тие се директен напад врз владеењето на правото.

Ова е уште една причина зошто се усвојуваат правосудни закони кои не се во согласност со препораките на ЕУ, затоа се поставуваат на клучни места во обвинителството луѓе блиски до Мицкоски. Уште една причина за изолацијата на Македонија, која ќе помогне во реализацијата на враќањето на бегалецот.

Извор: СДСМ

Зачлени се на нашиот е-билтен