Британскиот премиер и лидер на британската владејачка Лабуристичка партија, Кир Стармер, треба да поднесе оставка, изјави денес лидерот на огранокот на таа партија во Шкотска, Анас Сарвар.
Досега, тој е најистакнатиот политичар од лабуристичката партија кој јавно изрази противење на лидерството на Стармер по скандалот со британската влада во кој е вклучен починатиот осуден американски сексуален престапник Џефри Епштајн.
Стармер е под зголемен притисок во сопствената партија поради неговата одлука во 2024 година да го назначи политичкиот ветеран Питер Менделсон за амбасадор во САД, и покрај неговите веќе компромитирачки врски со Епштајн.
Во документите објавени од американските власти, беа откриени длабоките врски меѓу двајцата. Тоа фрла сомнеж врз проценката на Стармер, додека анкетите покажуваат дека популарноста на премиерот драстично паднала само осумнаесет месеци откако извојува убедлива изборна победа, објавува Ројтерс.
Сарвар и другите шкотски пратеници од Лабуристичката партија треба да се кандидираат на изборите за шкотскиот парламент во мај, што сè повеќе се смета за потенцијално пресвртница за Стармер.
Шкотската лабуристичка партија е регионална организација на Британската лабуристичка партија што работи во Шкотска. Таа ја претставува пошироката лабуристичка партија во Шкотска, но има одредена автономија врз шкотската политика и избори.
„Развлекувањето на вниманието мора да престане и раководството на Даунинг стрит (Канцеларијата на премиерот) мора да се промени“, изјави Сарвар на прес-конференција.
Во изминатите 24 часа, најблискиот помошник на Стармер и шефот за комуникации поднесоа оставка, во очигледен обид на премиерот да стави крај на аферата Манделсон.