Ветерани на ОВК: Тврдењата на обвинителот од Хаг се обид за криминализација на ослободителната војна

ОВК и организацијата „Слободата има име“ најавуваат протест во Приштина за 17 февруари, во поддршка на поранешните високи офицери кои се судат пред Специјалниот суд во Хаг.

Организацијата на воени ветерани „Ослободителна армија на Косово“ (ОВК) изрази загриженост и противење на содржината и јазикот што се користат во завршните зборови на обвинителството пред Специјализираните совети во Хаг и оцени дека тоа е обид за криминализација на ослободителната војна.

„Изнесените тврдења, вклучително и етикетирањето на раководството на ОВК како дел од „заеднички злосторнички потфат“, претставуваат неприфатлив обид за криминализација на нашата ослободителна војна и препишување на историјата на праведниот отпор на народот на Косово“, се наведува во одговорот.

Понатаму се нагласува дека „ОВК останува армија признаена од меѓународната заедница како легитимна страна во војната против геноцидниот режим на Србија“.

„Организацијата на ветерани го потврдува своето верување дека овој суд спроведува селективен и едностран процес, игнорирајќи ги државните злосторства на Србија и неправедно фокусирајќи се на водачите на ослободителната војна. Ќе продолжиме да ја браниме историската вистина, достоинството на нашата борба и карактерот на нашите другари. Вистинската правда не се гради врз искривување на фактите, туку врз целосната вистина“, се продолжува во соопштението.

Таа организација и организацијата „Слободата има име“ најавуваат протест во Приштина за 17 февруари, во поддршка на поранешните високи офицери на ОВК кои се судат пред Специјалниот суд во Хаг.

Зачлени се на нашиот е-билтен