Христијан Мицкоски до Билал Касами: Јас ја составувам Владата, Лимани останува

Тензии во владејачката коалиција се отворија откако лидерот на Движењето Беса во интервју за ТВ 21 најави дека во рамки на првата реконструкција на Владата може да се отвори прашањето за министерската позиција на Фатмир Лимани. Според неговите зборови, „голем дел од членството“ изразило загриженост за комуникацијата на министерот и дека, кога реконструкцијата ќе дојде на дневен ред, партијата може да предложи нов кадар за ресорот. Тој посочи и дека предлозите за евентуални промени би дошле од ВЛЕН.

Одговорот од премиерот беше јасен и со намера да стави крај на шпекулациите уште пред да се претворат во барање. Тој изјави дека е задоволен од работата на Лимани и дека тој е „додадена вредност“ во Министерство за социјална политика, демографија и млади. Потоа ја повлече линијата на хиерархијата: тој е мандатар и тој ја составува Владата, со што практично му порача на коалицискиот партнер дека партиските проценки можат да се прават, но кадровските одлуки се во рацете на премиерот.

Истата дистанца ја задржа и за другата „бомба“ од интервјуто – најавата дека во реконструкција би можел да биде сменет Игор Филков. Премиерот не влезе во расправа, туку ја префрли топката назад кон Касами, што во политички превод значи: ако некој сака да отвора фронт во коалицијата, нека си го носи и товарот од таа изјава.

Во позадина, оваа препирка ја осветлува класичната слабост на коалициските влади: партнерите бараат право на збор за „своите“ ресори, додека премиерот инсистира на централизирана контрола за да не се создаде впечаток дека Владата се води од партиски штабови. Дополнителна тежина има и фактот што Беса во Владата го има и Бесар Дурмиши како министер за економија и труд, што значи дека секоја јавна кавга за еден ресор автоматски го става под лупа и балансот на целата партнерска распределба.

Во јавноста, пораката што останува е двојна: Касами најавува внатрепартиска расправа за „перформансите“ и отвора можност за промени, а премиерот ја затвора вратата со формулата „јас ја составувам Владата“. Тоа е сигнал дека реконструкцијата, кога и да дојде, ќе биде повеќе тест на дисциплината во коалицијата отколку техничко „освежување“ на тимот.

Зачлени се на нашиот е-билтен