Трамвајска несреќа во Сараево се случи денес, кога трамвај што сообраќал од Железничката станица кон Башчаршија излетал од шините на раскрсницата кај Земалскиот музеј, урнал трамвајско стојалиште и завршил на коловозот, при што загинал 23-годишен маж, а четири лица се повредени, додека причините за инцидентот сè уште се утврдуваат.
Кантоналното обвинителство соопшти дека увидот ќе продолжи и утре, а постапката ја водат двајца обвинители, со присуство на судски вештаци од машинска и сообраќајна струка. Целта, според обвинителството, е да се изведат потребните вештачења за да се утврдат сите околности и начинот на настанување на несреќата, по што ќе се одлучува за натамошните процесни дејствија.
По завршување на денешниот дел од увидот, трамвајот треба да биде префрлен во кругот на градското сообраќајно претпријатие ГРАС, каде што дополнително ќе биде предмет на вештачење. Од обвинителството наведуваат дека во оваа фаза не можат да соопштат повеќе детали, додека резултатите за можните причини се очекуваат по завршување на експертските анализи.
Од МВР на Кантонот Сараево потврдија дека настанот има една жртва и четворица повредени и информираа дека сообраќајот ќе биде пуштен кога ќе се создадат услови, а јавноста ќе биде известена за точниот термин. Во меѓувреме, затворањето на клучните правци во централното градско подрачје предизвика застои и пренасочувања на возилата.
Клиничкиот центар на Универзитетот во Сараево прими три лица на болничко лекување, две машки и едно женско, додека 17-годишна девојка со тешки телесни повреди е хоспитализирана во Општата болница „Прим. др. Абдулах Накаш“, каде што, според досегашните информации, поради тежината на повредите ѝ била ампутирана ногата.