Пожарникари од Куманово биле физички нападнати во кругот на Територијалната противпожарна единица, информираа од Синдикатот на пожарникарите на Македонија. Инцидентот го потврди и СВР Куманово, а остро го осуди и градоначалникот на општината, Максим Димитриевски.
Од Синдикатот соопштија дека станува збор за брутален напад врз тројца пожарникари-спасители, извршен пред самиот објект на единицата.
„Напад со тупаници и камења врз лица кои секојдневно ги ризикуваат своите животи за безбедноста на граѓаните е недозволив и загрижувачки чин. Пожарникарите се службени лица и заслужуваат заштита и почит“, наведуваат од Синдикатот.
Оттаму побараа Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство итно да ги процесуираат напаѓачите и случајот да добие соодветен судски епилог.
„Напад врз спасители е напад врз целата заедница. Хуманоста не смее да биде мета на насилство. Бараме овој случај да не остане неказнет, за да се спречат идни инциденти“, порачаа од Синдикатот.
Градоначалникот Максим Димитриевски исто така го осуди настанот и повика на брза институционална реакција.
„Недозволиво е насилство врз службени лица додека ја извршуваат својата должност. Пожарникарите се столб на безбедноста во заедницата и заслужуваат почит. Очекувам надлежните органи целосно да го расчистат случајот“, изјави Димитриевски, посакувајќи им брзо закрепнување на повредените.
Од СВР Куманово информираа дека веќе се приведени две лица осомничени за нападот.
„Во 17:45 часот полициски службеници ги лишиле од слобода Љ.Г. (32) и Ф.С. (32) од Куманово, поради сомнение дека физички нападнале вработен во противпожарната единица. По целосно документирање на случајот ќе следуваат соодветни пријави“, соопшти полицијата.
Од кумановската болница потврдија дека било примено едно лице со повреди на главата, кое по укажаната лекарска помош било пуштено на домашно лекување.