Пратки заглавени на царина: новиот ДДВ закон ја закочи е-трговијата

Наместо „фер конкуренција“, граѓаните добија редици во системот: пратки нарачани онлајн од странство стојат на царина, а испораката што до вчера беше рутина сега се претвора во чекање без јасен рок. Тесното грло не е во поштите, туку во новата обврска што ја носат измените на Законот за ДДВ – секоја пратка од е-трговија, без оглед на вредноста, мора да мине царински преглед за да се утврди данокот.

Пошта на Северна Македонија соопшти дека измените се во сила од 18 декември 2025 година и дека со нив е укинато ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки до 22 евра. Поради тоа, Поштата е должна сите онлајн пратки да ги достави на царински преглед за утврдување на ДДВ, што директно создава забавување при обработката и при царинските прегледи.

Во истото соопштение, Поштата наведува дека заедно со Царинската управа работи на решение за забрзување на царинските формалности и обработката на пратките „со цел истите да пристигнат во што пократок рок“, и апелира до корисниците за трпение и разбирање.

Проблемот е што мерката е донесена како даночна корекција, а се спроведува како логистичка казна: кога милиони ситни пратки се префрлаат во режим „царински преглед“, системот по дефиниција се гуши. Истиот законски потег што требаше да ја стегне контролата – ја напна инфраструктурата која не е дизајнирана за масовен микропретрес на секој пакет со вредност од неколку евра.

Министерство за финансии претходно ја бранеше промената како мерка за поддршка на домашната економија и „фер конкурентност“, со аргумент дека со укинувањето на ослободувањето дел од потрошувачката ќе се пренасочи кон домашните компании и дека ќе се намали сивата економија преку спречување злоупотреби со увоз на стока што потоа се продава на домашниот пазар. Во соопштението се тврди и дека трошокот за пресметката и плаќањето на ДДВ „нема да падне на товар на граѓаните“ и дека нема да има промена на цените за крајните потрошувачи.

Но, она што во закон изгледа како една реченица – во пракса е цел механизам. Собранието ги изгласа измените во ноември 2025 година, со кои ДДВ се воведува и за пратки до 22 евра, додека ослободување останува само за мали, некомерцијални пратки од физичко лице на физичко лице до 22 евра, со исклучоци за одредени производи.

Така, граѓаните влегуваат во 2026 со „нова даночна рамка“ и стара имплементација: без дополнителен капацитет, без јасни рокови, без транспарентен систем што би покажал каде точно се заглавува процесот и кој дел од ланецот е критичен. Додека институциите „работат на решение“, јавноста го живее најлошиот можен преоден период – оној во кој правилото веќе важи, а системот сè уште учи како да го издржи.

Зачлени се на нашиот е-билтен