Албанија се позиционира како лидер на Коридорот 8

Албанија
By Photo: Chris Walts – https://www.flickr.com/photos/crashadventures/29647942782/, CC BY-SA 2.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=52560531

На 18 февруари, Тирана ќе биде центар на регионалниот дијалог, со фокус на стратешката важност на Коридорот 8 – клучен инфраструктурен и геополитички проект со растечки безбедносни импликации.

Министерскиот состанок за Коридорот 8 ќе се одржи со учество на делегации од Албанија, Северна Македонија, Бугарија, Италија и Романија, како и претставници на земјите-партнери. Албанското Министерство за Европа и надворешни работи има за цел да ја зајакне меѓувладината соработка и да го забрза развојот на коридорот како главна рута за транспорт, трговија и безбедност, како и да ја продлабочи регионалната интеграција и поврзаност со европските мрежи.

Пленарната сесија ќе се одржи под мотото „Коридор 8 на стратешката раскрсница на Европа: Поврзаност, отпорност и споделен просперитет“, нагласувајќи ја улогата на проектот за економски раст, безбедност и стабилност во регионот. Делегациите планираат да потпишат заедничка декларација, а програмата вклучува билатерални средби и заедничка прес-конференција.

Паралелно со министерскиот состанок, во Банката на Албанија ќе се одржи Економски форум за Коридорот 8 под наслов „Од стратешка поврзаност до регионален раст: Економскиот потенцијал на Коридорот VIII“.

Во меѓувреме, албанскиот министер за одбрана Пиро Венгу објави дека Коридорот 8 – почнувајќи од поморскиот комплекс Драч-Порто Романо и води до Црното Море – ќе биде официјално признат како безбедносен коридор во рамките на колективната одбрана на НАТО. Овој развој ќе ја постави Албанија во центарот на стратешката инфраструктура на Алијансата и ќе ја зајакне регионалната безбедност.

Се очекува форумот на 18 февруари, освен претставниците на Владите од регионот, да ги собере и претставниците на европските институции, финансиските организации и бизнисите за да разговараат за олеснување на трговијата, индустриски развој и конкурентност. Учесниците ќе бараат начини за користење на европските и меѓународните финансиски инструменти за да го направат Коридорот 8 двигател на инвестиции, раст и економска интеграција во регионот, како и клучен елемент на безбедносната архитектура во Југоисточна Европа.

Зачлени се на нашиот е-билтен