На 17 февруари 2026 година се случува првото сончево затемнување во годината – прстенесто, познато и како „огнен прстен“, кога Месечината ќе помине пред Сонцето, но нема целосно да го покрие.
Клучниот момент, кога се добива ефектот на „прстен“, ќе биде видлив во исклучително тесна зона над Антарктикот и околните води, што значи дека највпечатливата фаза практично ќе ја „гледаат“ најмногу истражувачки станици и ретки набљудувачи.
Надвор од таа централна линија, затемнувањето ќе се гледа како делумно во јужните делови на Чиле и Аргентина, како и во делови од јужна и југоисточна Африка, меѓу кои се спомнуваат Јужна Африка, Лесото и Мадагаскар.
За Северна Македонија затемнувањето нема да биде видливо – пенумбрата не го „фаќа“ нашиот регион, па нема ни делумна фаза.
Експертите потсетуваат дека Сонцето не смее да се гледа директно со голо око, ниту преку двоглед/телескоп без соодветни филтри. За безбедно набљудување се користат специјални очила за затемнување со стандард ISO 12312-2.
Следното големо сончево затемнување во 2026 е на 12 август (целосно, со делумна видливост во делови од Европа), а за Скопје е наведено дека ќе има делумно сончево затемнување токму тогаш.