Европа не е во цивилизациски пад, порача високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Каја Калас денес во Минхен, на последниот ден од Минхенската безбедносна конференција, отфрлајќи ги тврдењата од новата американска стратегија за национална безбедност и дел од критиките од Вашингтон дека континентот оди кон „исчезнување“ поради миграции, културни и верски промени и пад на наталитетот.
Калас ја опиша Европа како чувар на стандардите на слободата и напредокот и рече дека критиката кон Европа во одредени политички кругови станала „модерна“. Како аргумент наведе дека Европејците имаат висок животен стандард, а како илустрација спомена анкета според која значаен дел од Канаѓаните би сакале нивната земја да се приклучи на Европската Унија, што таа го протолкува како сигнал дека европскиот проект и натаму привлекува.
Во своето обраќање, Калас се осврна и на дебатата за слободата на медиумите, истакнувајќи дека Естонија, земјата од која доаѓа, е високо рангирана на индексот на „Репортери без граници“, и забележа дека е симптоматично кога критики за „цензура“ стигнуваат од држава што, според нејзините зборови, е далеку подолу на истата листа.
Настапот на Калас доаѓа во атмосфера на зголемена чувствителност во трансатлантските односи, откако американскиот државен секретар Марко Рубио во Минхен испрати помирувачка порака дека САД и Европа се „вкрстени“ со заедничко наследство и врски, но истовремено ја повтори линијата на Вашингтон дека Западот мора да се „обнови“, посочувајќи на теми како миграцијата, трговијата и климатските политики. Калас, од своја страна, порача дека пораката за единство е важна, но дека е јасно оти двете страни нема да се согласуваат за сè и дека тоа ќе остане реалност и понатаму.
Со пораката дека Европа не е во цивилизациски пад, Калас се обиде да ја сврти расправата од етикети кон мерливи показатели и политички факти: дека ЕУ, и покрај внатрешните кризи и надворешните притисоци, и натаму е простор што многумина го гледаат како модел на просперитет, права и институционална стабилност, а не како проект што се распаѓа.