Почина Ленче Делова, доајен на Драмскиот театар

Театарската, филмска и телевизиска глумица Ленче Делова почина на 77-годишна возраст, соопшти нејзината матична куќа Драмски театар – Скопје. Од театарот порачаа дека со „длабока тага и неверување“ ја примиле веста за нејзиното заминување, нагласувајќи дека зад себе остави силна сценска трага и човечка топлина по која ќе ја паметат колегите и публиката.

Делова е родена на 15 јуни 1948 година во Скопје. На сцената на Драмски настапувала од 1964 година, најпрво како актерка-аматерка, а во 1970 станала членка на ансамблот, во кој играла сè до пензионирањето во 2013 година.

Во својата кариера одиграла во околу 60 претстави на матичната сцена и настапила во над 30 филмови, ТВ-филмови и серии, меѓу кои и во Пред дождот. За улогата на Офелија во Хамлет ја добила наградата „13 Октомври“, а била наградувана и на фестивалот „Војдан Чернодрински“, каде во 2006 година ја добила и наградата за животно дело.

Зачлени се на нашиот е-билтен