Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека потпишал документи за воведување царина од 10 проценти на увозот од сите земји, за која рече дека „ќе стапи на сила речиси веднаш“.
„Многу ми е чест што потпишав глобална царина од 10 проценти за сите земји од Овалната соба, која стапува на сила речиси веднаш“, објави Трамп на Truth Social.
Белата куќа доцна вчера соопшти дека администрацијата на претседателот Доналд Трамп укинува одредени царински мерки, откако Врховниот суд ги поништи сеопфатните царини на Трамп воведени според закон наменет за употреба во национални вонредни состојби.
Трамп доцна вчера потпиша извршни наредби со кои се воведуваат нови тарифи, кои стапуваат на сила во вторник, 24 февруари, согласно член 122 од Законот за трговија од 1974 година, делумно заменувајќи ги тарифите од 10 до 50 проценти согласно Законот за меѓународни економски овластувања од 1977 година, за кој Врховниот суд прогласи дека е неуставен и го укина воведувањето на сега забранетите тарифи.
Со наредбите се продолжи со постојните исклучоци за авионски производи, патнички автомобили и некои лесни камиони, за стоки од Мексико и Канада што се во согласност со трговскиот договор меѓу тие земји и САД, како и за фармацевтски производи и одредени критични минерали и земјоделски производи.
Секретарот за финансии на Трамп, Скот Бесент, рече дека новите царини од 10 проценти и потенцијално зголемените царини според Член 301 за нефер практики и Член 232 за национална безбедност ќе резултираат со практично непроменети приходи од царини во 2026 година.
„Ќе се вратиме на истото ниво на царини за земјите. Само ќе биде на помалку директен и малку посложен начин“, изјави Бесент за „Фокс њуз“, додавајќи дека одлуката на Врховниот суд ја намалила моќта на Трамп за преговарање со трговските партнери.